Откако Судскиот совет денеска експресно му го одзеде имунитетот на судијата од Апелациониот суд Скопје Ѓоко Ристов, судија на претходна постапка од Кривичниот суд му одреди куќен притвор.
За Ристов, кому во неделата дома му најдоа соѕидани во дупка од ѕид 350.000 евра, непријавени и со неоправдано потекло, обвинителката не ни барала ефективен, туку куќен притвор. Тој сам се пријавил пред судијата за претходна постапка, не пошла полиција по него да го спроведува.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против Ѓ.Р. , по изјаснување на осомничениот и на надлежниот јавен обвинител, донесе решение со кое предлогот на ОЈО се прифаќа и на Ѓ.Р. му се определува мерка куќен притвор како и дополнителна мерка за обезбедување присуство, односно Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова. Осомничениот се товари за две кривични дела: Перење пари и други приноси од чл. 273 ст.1 и Противправно стекнување и прикривање имот од чл. 359 – а ст.3 вв ст.1 од КЗ. Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет“. Соопшти доцна вечерва Основниот кривичен суд Скопје.
Денеска МВР откри како биле најдени 350-те илјади евра на апелациониот судија.
„На 18.01.2026 во неделата, врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, во координација со предметен јавен обвинител извршен е претрес во домот на родителите на Ѓ.Р. во Неготино, каде на првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки). Така, при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, спакувани во поединечни 13 пакувања, во кои пронајдени се вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, или вкупно 350.000 евра“, кажа полицијата.
Од безбедносни причини, Судот не открива на која адреса ќе седи во куќен притвор судијата Ристов, дали во станот во Скопје, или во родната куќа во Неготино, кај дупката во ѕидот.
С. К. ДЕЛЕВСКА



