Дел од македонските пчелари се жалат на одредби за комунален ред во некои од општините во државата, каде се наложува дека мора да бидат најмалку 500 метри оддалечени од последниот градежен објект во населено место. На манифестацијата „Денови на македонското пчеларство“, што се одржа во Битола, за овој проблем зборуваше Менде Трајковски, претседател на пчеларското здружение „Нектар“ и на Сојузот на пчеларски здруженија во Македонија.
„Проблем ни направи Законот за комунални дејности од 2012 година, кој пропишува локалните самоуправи да донесат одлуки за комунален ред во кој се пропишува пчеларникот да биде оддалечен минимум 500 метри од последниот градежен објект во населено место. Од памтивек низ македонските села имало во дворовите по 2,3, 5 или 10 пчелни семејства и немало ниkаков проблем, а сега пчеларите треба да ги иселат пчелите од селата. Секој нема нови површини, па мора да ги зема под наем“, вели Трајковски.
Додава дека се случува по селата каде соседите се закарани меѓу себе, едниот да го пријави другиот, по што комуналниот инспектор излегува на терен, му изрекува парична казна од 80 евра на пчеларот и тој мора за 4 дена да ги пресели пчелните семејства.
„Направивме големи напори, јас сум и претседател на Сојузот на пчеларски здруженија во Македонија и на потсекторската група за пчеларство во Министеството за земјоделство. Имавме повеќе состаноци, за да најдеме решение, укажуваме на проблемот, на тоа дека во соседството има урбано пчеларење. Во Србија и Хрватска ако пчеларникот е блиску до соседот, се ставаат мрежи во висина од 20 до 25 метри, па полетувањето и слетувањето на пчелите е во висина, нема никаков проблем со соседот“, додава Трајковски.
На манифестацијата „Денови на македонското пчеларство“ која во Битола се одржа по 28 пат, гостуваа и пчелари од Албанија, Грција и Србија.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



