Нов Закон за работни односи е заглавен пет години, а нема најава ниту до каде е процесот. Претходното Министерство за труд и социјална политика, во 2021 го изготви Предлог-законот кога министерка за труд и социјална политика беше Јагода Шахпаска. Со него, меѓудругото се предвидува родителско отсуство од вкупно 13 месеци, од кои 9 за мајката и 4 за таткото. Законот требаше да стапи на сила уште во 2022, но досега освен објави за јавни расправи, ништо друго не е објавено.
Во јули 2021 кога министерка беше Јагода Шахпаска, од Министерството за труд и социјална политика ни рекоа дека „за предложениот Закон ќе има јавна расправа, по што истиот треба да се усвои од страна на Владата, кое усвојување е планирано до крајот на годината, а потоа истиот да се усвои од Собранието. Значи, примената на Законот, согласно наведеното, треба да започне во 2022 година“.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 24 декември 2024 испрати прашања до новоформираното Министерство за социјална политика, демографија и млади, каде министер е Фатмир Лимани, до каде е постапката за донесување на нов Закон за работни односи, дали се одржаа јавните расправи, дали наскоро ќе биде донесен и кои се главните новини, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
Одговор не одбивме ниту лани во јануари, кога ги испративме истите прашања до Министерството за труд и социјална политика.
- ЧЕТИРИ ГОДИНИ НЕ СЕ ИЗГОТВИ НОВИОТ ЗАКОН ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ СО КОЈ РОДИТЕЛСКОТО ОТСУСТВО ЌЕ ТРАЕ 13 МЕСЕЦИ
- РОДИТЕЛСКО ОТСУСТВО ОД 13 МЕСЕЦИ, ОД КОИ 9 ЗА МАЈКАТА И 4 ЗА ТАТКОТО, ПРЕДЛАГА НОВОТ ЗАКОН ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ
Во 2023, тогашната минстерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека со законот наместо досегашното породилно отсуство се предвидува поделба на отсуствата на мајчинско, татковско и родителско отсуство.
Татковското е во траење од 15 дена и се користи веднаш по раѓањето на детето, ако е едно дете, а за близнаци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена. Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно.
- ПОРОДИЛНО ОД 12 МЕСЕЦИ НЕМА ДА ИМА ГОДИНАВА КАКО ШТО СЕ НАЈАВУВАШЕ, НОВИОТ ЗАКОН ДВЕ ГОДИНИ Е ВО РАБОТНИ ГРУПИ
- ПОРОДИЛНОТО ОД 12 МЕСЕЦИ ЌЕ СЕ ПРИМЕНУВА ОД 2022, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД
„Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи останува со детето исто како и досега, 9 месеци. Но, дополнително, тука се и 4 месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето, наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци“, вели министерката Тренчевска.
Според објавите на фејсбук профилот на министерката Тренчевска, меѓу новините кои ги предвидува Предлог-законот, е дека кај годишниот одмор се трга горната граница, односно одредбата дека годишниот одмор може да биде најмногу 26 дена. Понатаму, иако годишниот одмор и понатаму може да се искористи најдоцна до 30 јуни следната година, се предвидува исклучок за работникот кој не можел да го искористи до 30 јуни идната календарска година, поради боледување или повреда, отсуство мајчинско или родителско отсуство или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи годишниот одмор до крајот на годината, а не само до 30 јуни.
Дополнително, се отстрануваат претходно предвидените услови за право на надоместок на плата за неискористен годишен одмор при престанок на работниот однос, со што во целост се остварува уставно загарантираниот принцип на неотуѓивост на правото на годишен одмор.
Се воведува ново платено отсуство од работа за давање нега на член на семејство, така што работникот давател на нега, има право на отсуство во траење од пет работни дена во текот на една календарска година, кои можат да се користат непрекинато и во целост или со прекини и во делови, со тоа што треба да достави доказ и да го извести работодавачот најмалку три дена пред неговото започнување.
Б. НЕСТОРОСКА