ПОРОДИЛНОТО ОД 12 МЕСЕЦИ ЌЕ СЕ ПРИМЕНУВА ОД 2022, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД

    ПОРОДИЛНОТО ОД 12 МЕСЕЦИ ЌЕ СЕ ПРИМЕНУВА ОД 2022, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУДСпоред новиот Закон за работни односи, породилното отсуство наместо 9, ќе трае 12 месеци. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Во 2022 треба да започне примената на Законот за работни односи, според кој породилното отсуство ќе трае повеќе од девет месеци. Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во април годинава најави дека е можно мајките да користат породилното отсуство од 12 месеци, наместо како сега 9 месеци, а татковците ќе имаат можност да користат 10 денови отсуство за раѓање на детето.

    Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека прашањето со породилното отсуство е предмет на уредување на Законот за работните односи. Во изминатиот период се работело на подготовка на нов Закон за работните односи во кој подетално, согласно директивите на Европската унија и конвенциите на Меѓународната организација на трудот, се предвидува покрај времетраењето на отсуството, да се предвиди мајчинско отсуство, отсуство на таткото и родителско отсуство.

    Законот се подготвува заедно со социјалните партнери, користено е меѓународно искуство, како и предлози и мислења на експертската јавност.

    „За предложениот Закон ќе има јавна расправа, по што истиот треба да се усвои од страна на Владата, кое усвојување е планирано до крајот на годината, а потоа истиот да се усвои од Собранието. Значи, примената на Законот, согласно наведеното, треба да започне во 2022 година“, ни одговорија од кабинетотот на министерката Шахпаска.

    За повеќе детали околу тоа, на пример од кога би почнала примената и кои трудници ќе ги опфати новата мерка, од МТСП велат дека е сѐ уште рано и дека штом ги имаат ќе ги споделат сите информации со јавноста.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира