На листингот од гласањето за Законот за употреба на јазиците објавен на собранискиот сајт, стои дека неколку пратеници од владејачката коалиција предводена од СДСМ не гласале за законот.
Пратениците од мнозинството: Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Ферид Мухиќ, Ивана Туфегџиќ и Тања Ковачев не гласаа за Законот за употреба на јазиците.
Според листингот, не гласале ни Зијадин Села, лидер на Алијансата на Албанците, ни Африм Гаши, лидер на Движењето Беса.
Собранието денеска го изгласа Законот за употреба на јазиците со 64 гласа „за“ без да ги разгледа илјадниците амандмани на ВМРО-ДПМНЕ.
Веднаш по гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред претседателот на Собранието Талат Џафери, а Груевски се качи на подиумот кај спикерот и пробуваше да му ја извади картичката за гласање на Џафери, но не успеа, бидејќи пред него застана собраниското обезбедување.
Претходно, Груевски го испрска со вода претседателот на Собранието Талат Џафери, па му ја зема картичката за гласање, по што Џафери даде пауза и стана да си оди, но беше запрен од поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, при што дојде до турканица меѓу нив двајца. Собраниското обезбедување интервенираше и ги раздели пред да дојде до тепачка.
Г. ТРПЕНОСКИ