ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ НИ ИСПЛАТИЈА САМО 5 ОТСТО ОД ОТШТЕТАТА, ДОВОЛНО САМО ЗА КАНТА БОЈА, ВЕЛАТ БИТОЛЧАНИ ЧИИ КУЌИ БЕА ОШТЕТЕНИ

    ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ НИ ИСПЛАТИЈА САМО 5 ОТСТО ОД ОТШТЕТАТА, ДОВОЛНО САМО ЗА КАНТА БОЈА, ВЕЛАТ БИТОЛЧАНИ ЧИИ КУЌИ БЕА ОШТЕТЕНИБитолчанката Лидија Ангелкова, која е меѓу граѓаните со повисоко проценети штети, вели дека ќе ѝ бидат исплатени едвај 1.000 денари. (Фото: СДК.МК)

    По четири години од земјотресот во Битола, почна исплатата на обесштетувањето за оштетените куќи. Но, исплатената сума е само пет проценти од вкупно проценетите штети на објектите.

    Од Општина Битола пред три дена соопштија дека започнала исплатата, според одлуката на Владата од седницата одржана на 1 октомври 2024. Обесштетувањето ќе изнесува 5 проценти од вкупната штета проценета на околу пола милион евра (35.690.926 денари).

    Битолчанката Лидија Ангелкова, која е меѓу граѓаните со повисоко проценети штети, вели дека ќе ѝ бидат исплатени едвај 1.000 денари.

    „Исплатата на 5 проценти од штетата кај мене изнесува околу 1.000 денари, што е навистина мала сума во однос на штетите што ги претрпи објектот. Што може да се направи со 1.000 денари? Со тие пари не може ни соба да се префарба. Со години водам битка за реално и навремено обесштетување. На барањето за слободен пристап до информации, од Општината ми одговорија дека од 35.690.926 денари ќе се исплатат само 1.784.546 денари за 2.435 физички и правни лица. Јас ќе земам околу 1.000 денари, а има граѓани кои ќе добијат по 200 или 300 денари“, вели Ангелкова.

    Други битолчани реагираат дека ова се смешни суми и не ни забележале дека добиле обесштетување зашто на сметката им легнале по неколку стотки, со кои ќе можат да купат само канта боја.

    И од записникот на Владата од 23. седница одржана во октомври 2024 се потврдува дека за земјотресот од 9 јануари 2022 за Битола се издвојуваат 5% од вкупно проценетата штета од 35.690.926 денари. Во просек, едно оштетено лице ќе добие околу 732 денари.

    Вчера (6 февруари) САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до Општина Битола за тоа колку изнесува најниската, а колку највисоката исплата за штетите од земјотресот, колку пари се исплатени на членовите на комисиите кои вршеле проценка и зошто парите се исплаќаат дури сега. Од Општината ни беше кажано дека побарани се повеќе податоци, па затоа одговорите ќе ни бидат доставени в понеделник, на 9 февруари.

    Веднаш по земјотресот Општината формираше соодветни комисии и беше изработен елаборат за проценка на штетите. Ден по земјотресот, на 10 јануари, Советот побара итна седница на Владата за обезбедување средства за санација на штетите. На 27 декември истата година Советот го усвои елаборатот за проценка на штетите, по што беше испратен до Владата.

    Владата по скоро две години, поточно во октомври 2024, донесе одлука за обезбедување парична помош од буџетот во износ од 5 проценти. Средствата беа префрлени на наменска сметка на Општина Битола на крајот на 2024 година, а исплатата започна деновиве.

    Во јануари 2022 Битола беше погодена од серија земјотреси со епицентрално подрачје кај Лерин, северна Грција. Нaјсилниот земјотрес со магнитуда од 5,6 степени според Рихтер се случи вечерта на 9 јануари, а по него следуваа десетици други со послаб интензитет. Ударите предизвикаа оштетувања на училишта, градинки, Клиничката болница и други институции, згради и индивидуални куќи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира