ПОЧИНА ПОРАНЕШНИОТ ПРАТЕНИК АМДИ БАЈРАМ, ФИЛИПЧЕ НЕ ЗНАЕ ДАЛИ МУ Е НАПРАВЕН ПОСМРТЕН КОВИД ТЕСТ

    ПОЧИНА ПОРАНЕШНИОТ ПРАТЕНИК АМДИ БАЈРАМ, ФИЛИПЧЕ НЕ ЗНАЕ ДАЛИ МУ Е НАПРАВЕН ПОСМРТЕН КОВИД ТЕСТАмди Бајрам почина на 64 години. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот пратеник Амди Бајрам и лидер на Сојузот на Ромите почина денеска во Скопје, потврдија партиски извори. Имаше 64 години. Бајрам страдал од проблеми со срцето и дијабетес, поради што лани му беше ампутирана едната нога.

    На 17 октомври во Истанбул тој правеше свадба за внуката со над 200 гости од Македонија.

    „Тој имаше комплексна здравствна состојба, со хронични болести. Предмалу дознав и навистина немам информација дали е земен ковид тест“, одговори министерот за здравство Венко Филипче на прашањето дали на Бајрам посмртно му е направен ковид тест, попладнево на прес-конференцијата во Струмица.

    Бајрам, кој за себе велеше дека е „познат како кока-кола, сите ја пијат“, е основач на Сојузот на Ромите и е нејзин претседател од 1996. Од 1994 беше пратеник во Собранието, прво како член на Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), за до крајот на мандатот да остане независен пратеник. Од 1994–1998 бил во коалиција со владејачкиот СДСМ, а остана запаметен по изјавата кога на парламентарните избори во 1998 рече дека ќе победи премиерот Бранко Црвенковски со „102,3 %“.

    Во периодот 1998–2002 ја поддржуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Љубчо Георгиевски. При гласањето доверба на владата на Георгиевски по барање на лидерот на опозицијата Црвенковски во декември 2000, владата опстои поради гласот на Бајрам, по што тој изјави дека им дал „гол со пета“ на СДСМ и дека неговата партија „секогаш е со власта“.

    Бајрам во 2004 беше обвинет за кражба на платно од штипската фабрика „Македонка“ вредно 750 илјади евра. Тој првично беше осуден на 7-годишна казна затвор, која потоа му беше намалена на 4 години. На локалните избори во 2005, додека пресудата уште не беше правосилна, се кандидира за градоначалник на Шуто Оризари. Иако победи, беше градоначалник нецел месец бидејќи беше однесен на издржување затворска казна во затворот во Штип. Во 2007 казната му е намалена за шест месеци од претседателот Црвенковски, а во 2008 излезе од затвор.

    По затворот пак влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Никола Груевски. Притоа вербално се конфронтира со повеќемина пратеници на СДСМ, велејќи дека е „бренд како кока-кола“ во споредба со нив. За време на протестите организирани од СДСМ пред Собранието на 24 декемри 2012, Бајрам им покажа среден прст на насобраните симпатизери на опозицијата.

    Бајрам ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ откако партијата замина во опозиција по парламентарните избори во 2016 и премина во парламентарното мнозинство предводено од СДСМ на премиерот Заев. Лани, неговата партија го избра за кандидат за претседател на Македонија на претседателски избори, но не ги собра потребниот број потписи за да се реализира кандидатурата.

    Тој е татко на политичарот Елвис Бајрам, кој беше градоначалник на Општина Шуто Оризари во периодот 2009–2017.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира