Почина Владимир Блажев-Панчо, еден од членовите на дуото „ДНК“, кој настрада во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК блиска пријателка на семејството. Веста за смртта на музичарот таа ја добила од Маја, неговата сопруга.
Блажев беше на лекување во приватна скопска болница од март. Според последните информaции кои ги добивме пред неколку недели од негови блиски соработници, состојабата на музичарот била стабилна.
„Информацијата е точна, Јавното обвинителство ќе издаде наредба за обдукција на лицето за кое постапката беше времено прекината токму заради здравствената состојба“, ни рекоа од Обвинителството.
Владимр Блажев-Панчо е роден на 29 јули 1979 година во Скопје. Пред да го снимат првиот сингл со Андреј Ѓорѓиески за дуото „ДНК“ во 2001, тој беше член на „ОК бенд“. Дуото сними шест албуми и важеа за едни од најпопуларните на македонската музичка сцена. Со голем концерт во 2022 во салата „Борис Трајковски“ тие прославија 20 години кариера.
Блажев и Ѓорѓиески, кој почина во пожарот во Кочани, беа едни од најхуманите музичари на естрадата. Често донираа за сиромашни семејства, поддржува млади музичари и спортисти и одржуваа хуманитарни концерти.
Во пожарот во кочанската дива дискотека „Пулс“ на 16 март загинаа 63 лица и 200 беа повредени. Меѓу загинатите се повеќето членови на ДНК: пејачот Андреј Ѓорѓиески, гитаристот Александар Коларов, тапанарот Ѓорги Ѓоргиев, придружниот вокал Сара Пројковска, клавијатуристот Филип Стевановски, инаку директор на Центарот за култура во Штип и Мартин Атанасовски, кој настапуваше со бендот како битбоксер.
М. ЏАРОВСКА