ПОЧНА ДА СЕ НАПЛАЌА ПОВИСОКА ЕКОЛОШКА ТАКСА ПРИ РЕГИСТРАЦИЈА НА ВОЗИЛА ВО ЗАВИСНОСТ ОД ТОА КОЛКУ ЗАГАДУВААТ

    ПОЧНА ДА СЕ НАПЛАЌА ПОВИСОКА ЕКОЛОШКА ТАКСА ПРИ РЕГИСТРАЦИЈА НА ВОЗИЛА ВО ЗАВИСНОСТ ОД ТОА КОЛКУ ЗАГАДУВААТСтаниците за технички преглед од 17 април 2022 почнаа да пресметуваат повисок еко надомест врз основа на донесените нови измени на Законот за заштита на животната средина. (Фото: СДК.МК)

    Од средината на април, сите станици за технички преглед од Министерството за животна средина и просторно планирање се задолжени да вршат нови пресметки и уплати на собраниот еколошки надомест врз основа на новите одредби од Законот за животна средина чии измени стапија во сила на 17 април 2022 година.

    Министерството упатило циркуларен допис до сите станици за технички преглед на национално ниво со кое тие се информираат за новите измени на Законот со цел за унифицирање на начинот на водење, евиденција и изработка на извештај за уплатениот надоместок што го плаќаат правните и физичките лица што ја загадуваат животната средина со користење на моторни возила.

    „Со воведените измени се прави поделба на висината на надоместокот за животна средина согласно категоријата на моторни возила при нивната регистрација, согласно утврдените номенклатури при што основни критериуми се староста на возилото и зафатнината на моторот на моторното возило или на пловниот објект“, вели Сашка Брбиќ, помошник-раководителка на Секторот за административни службеници во Министерството за животна средина.

    Од 17 април па наваму, се јавија и првите реакции на сопствениците на моторни возила, кои досега плаќаа од 110 до 120 денари за еколошка такса, а сега со новите измени им се пресметува  3-4 пати повисок надомест врз основа на староста на возилото и зафатнината на моторот. Така, за возила стари до 5 години со зафатнина од 751-1.400 кубици надоместокот е 250 денари, за зафатнина од 1.401-2.000 кубици 300 денари, а над 2001 кубик, 400 денари. За автомобили стари од 6-10 години надоместокот се движи врз основа на истите зафатнини  од 250-500 денари. За возила со старост од 11 до 20 години, кои се најзастапени во земјава, надоместокот се движи од 350 до 500 денари, а постари од 30 години од 450 -700 денари. За олтајмерите таксата е 300 денари.

    Екоолошкиот надомест од 400 денари е за минибусите ако не се постари од 5 години, за старост од 11-20 година ќе им се пресметува надомест од 600 до 1.200 денари во зависност од зафатнината, а за постари од 30 години 1.050-1.500 денари. Нешто повисок надомест ќе имаат автобусите, најстарите од 21 -30 години од 950-1.500 денари, додека товарните возила од 1.600 денари за стари до 5 години, а за над 30 години надомест од 1.450 до 2.000 денари.

    Новите измени на Законот за животна средина ја одредуваат и новата висина на надоместокот што се плаќа за домашни правни и физички лица што ја загадуваат животната средина со користење на пловни објекти.. Надоместокот за период од една година изнесува 3 проценти од основното осигурување. Од плаќањње надоместок се ослободени само правните и физичките лица на чие име е регистрирано моторното возило или пловниот објект кои работат на електричен погон.

    Овластеното право лице за технички преглед е должно собраниот надоместок да го уплаќа на сметка на Министерството еднаш месечно.

    Реакции има и од станиците за технички преглед кои веќе почнаа да вршат пресметки на оваа еколошка такса што за нив не било проблем, но според вработените поголем проблем е тоа што тие биле ограничени подолготрајно и не им се дозволува да го зголемат износот на нивниот дел од работата за извршениот технички преглед за исправноста на моторни возила. Нивниот надомест повеќе од една деценија изнесув од 1.200-1600 денари  во зависност од возилото и е под директна контрола на МВР..

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира