Пожарот во скопско Трубарево е ставен под целосна контрола по 15 часа, изјави утрово Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
„Нема активно горење, но има силно чадење кое се пробива низ земјата и песокот од затрупаните места. Преостанува да се дозатрупа уште дел од опожарената површина. Делот каде се наоѓаа литиумските батерии е затрупан со песок. Пожарникарите работат на навлажнување на песокот, бидејќи иако е изгаснат пожарот, има силно чадење, оти ваквиот електронски отпад е исклучително тежок за гаснење“, рече Ангелов.
Опасен отпад од вчера гори во рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, соработник на компанијата „Нула отпад“ која е е овластена за преземање отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад. Пожарот почна вчера околу 13.30 часот во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти.
Во првата изјава за пожарот, испратена во 02.39 ноќеска, првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити вели дека го посетил местото на пожарот во Трубарево и дека од 14 часот инспекторите се на терен и вршат мерења на квалитетот на воздухот. Првите резултати од Државниот инспекторат и од специјализираните лаборатории се очекуваат многу наскоро и ќе ќе бидат јавно достапни веднаш по нивната обработка. Компанијата поседува важечка десетгодишна дозвола за работа, издадена во 2021 година.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски синоќа рече дека не е измерена радијација во Трубарево, во непосредна близина е измерена висока концентрација на штетни супстанции. Тошковски рече дека припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) се на терен и им препорачуваат на жителите кои се во радиус од 150 метри од центарот на пожарот, да ги напуштат своите живеалишта. Обезбедени се 450 легла во Центарот за обука во Идризово за оние жители кои немаат каде привремено да се сместат. Според мерните единици на специјалната единица на Министерството за одбрана, на 200 метри од центарот од пожарот загаденоста е ниска, а на 400 метри нема загадување.
Во полициска станица, како што рече синоќа, по насока на јавен обвинител, во тек се разговори со три лица од компанијата, управители и сопственик.
Претходно, Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, рече дека Македонија е мета на хибриден напад, бидејќи за толку кратко време се случија тешки пожари кои предизвикуваат големо загадување на взодухот.
Веднаш по изјавата, САКАМДАКАЖАМ.МК. испрати прашање до Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, дали ќе свика итна седница на Советот за безбедност. Во 23.05 часот, Кабинетот на претседателката одговори:
„Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е целосно информирана и за пожарите во депониите Вардариште и Дрисла коишто се надлежност на Градот Скопје и за пожарот во објектот кај Трубарево. Таа ја следи состојбата и е во постојана комуникација со сите надлежни институции коишто работат на утврдување на причините за пожарите, на санирање на последиците и на превенирање на слични идни инциденти. Советот за безбедност ќе биде свикан доколку проценките на надлежните служби укажат на потреба за тоа“.
Б. НЕСТОРОСКА