ПОЛСКА СОБОРИ РУСКИ ДРОНОВИ ВО СВОЈОТ ВОЗДУШЕН ПРОСТОР, ПРИВРЕМЕНО БЕШЕ ЗАТВОРЕН АЕРОДРОМОТ ВО ВАРШАВА

    ПОЛСКА СОБОРИ РУСКИ ДРОНОВИ ВО СВОЈОТ ВОЗДУШЕН ПРОСТОР, ПРИВРЕМЕНО БЕШЕ ЗАТВОРЕН АЕРОДРОМОТ ВО ВАРШАВАПолската војска кажа дека дронови постојано го нарушувале полскиот воздушен простор за време на рускиот напад врз западна Украина (Фото: Гети)

    Полска собори руски дронови во својот воздушен простор за време на ноќешниот напад врз Украина, со што противвоздушната одбрана на НАТО беше активирана за првпат од почетокот на војната. Полска го опиша инцидентот како чин на агресија.

    Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека воената операција е завршена и дека е во постојан контакт со шефот на НАТО, Марк Руте. Тој за утрово свика вонреден состанок на Советот на министри.

    Полската војска кажа дека дронови постојано го нарушувале полскиот воздушен простор за време на рускиот напад врз западна Украина.

    Радарите следеа повеќе од десет објекти, а оние кои претставуваа закана беа неутрализирани. Некои од дроновите кои влегоа во нашиот воздушен простор беа соборени. Пребарувањата и напорите за лоцирање на потенцијалните места на падот на овие објекти се во тек“, соопшти војската.

    Таа ги повика жителите да останат дома и ги истакна регионите Подласки, Мазовјецки и Лублин како најризични.

    Ова е чин на агресија што претставува сериозна закана за безбедноста на нашите граѓани“, соопшти полската војска.

    Досега немаше коментар од руското министерство за одбрана.

    Најголемиот аеродром во Полска „Шопен“ во Варшава привремено го затвори својот воздушен простор поради воената акција. Сајтот за следење летови „Флајтрадар24“ објави дека бројни авиони што требало да слетаат утрово биле пренасочени кон аеродромите во Катовице, Вроцлав и Познањ.

    Украинските воздушни сили кажаа дека тревогата за воздушна опасност ноќеска била огласена во најголемиот дел од Украина, вклучувајќи ги западните региони Волин и Лвов, кои граничат со Полска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира