ПОВЕЌЕ ОД ДУПЛО ПОСКАПЕА БИЛЕТИТЕ ВО НЕКОЛКУ КУЛТУРНИ ИНСТИТУЦИИ КОИ СЕ ФИНАНСИРААТ ОД ДРЖАВНИ ПАРИ, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВЕЛИ ДЕКА СЕ УМЕРЕНИ КОРЕКЦИИТЕ НА ЦЕНИТЕ

    ПОВЕЌЕ ОД ДУПЛО ПОСКАПЕА БИЛЕТИТЕ ВО НЕКОЛКУ КУЛТУРНИ ИНСТИТУЦИИ КОИ СЕ ФИНАНСИРААТ ОД ДРЖАВНИ ПАРИ, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВЕЛИ ДЕКА СЕ УМЕРЕНИ КОРЕКЦИИТЕ НА ЦЕНИТЕПоскапувањето предизвика реакции дека овие државни институции со вакви цени им оневозможуваат на сите граѓани пристап до културата и форсираат елитизам иако се платени со пари на даночните обврзници. - Од одбележувањето на јубилејот 80 години Филхармонија во 2024. (Фото: К. Попов)

    Изминатиов период поскапеа билетите за културните настани од програмите во неколку државни институции, како Драмскиот театар во Скопје, Филхармонијата и Националната опера и балет (НОБ). Овие институции се целосно финансирани од државниот буџет, од кој се исплаќаат програмите, вработувањата и материјално-техничкото одржување на објектите. Поскапувањето предизвика реакции дека овие државни институции со вакви цени им оневозможуваат на сите граѓани пристап до културата и форсираат елитизам иако се платени со пари на даночните обврзници.

    Во НОБ, сега билетите се по 800, 1.000 и 1.200 денари, а порано беа по 300, 400 и 500 денари. За Василичарскиот концерт, со странски солисти, цената на билетот беше 2.000 денари.

    Во Драмски театар до пред неколку години билетите беа по 300 денари, па поскапеа на 500, а сега за дел од претставите останаа по 500 денари, а за две претстави цената е 1.000 денари.

    Во Филхармонијата, првиот концерт годинава е на 22 јануари, со диригентот Олси Ќинами (Албанија, Велика Британија) и солистите Теди Папаврами, виолина (Албанија, Швајцарија) и Маки Окада, пијано (Јапонија, Швајцарија), а билетот чини 1.300 денари. Билетот за концертот на 29 јануари со домашни гости, диригентот Сашо Татарчеврски и хорот „ПроАрс“, е 600 денари. Во минатите години, по 1.000 денари чинеше билет за концерти како на пример Новогодишниот концерт или за празничниот во чест на 14 февруари.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ги контактираше институциите за појаснување зошто се зголемени цените, а до  до објавувањето на текстот не добивме одговор само од Националната опера и балет.

    На прашањето зошто се поскапени билетите за концертите во Филхармонијата, оттаму велат дека цената се дефинира според повеќе параметри, како ексклузивноста на солистот и диригентот и нивните хонорари, купување/изнајмување на партитури и комплексноста на делата кои се изведуваат – дали бараат хор, изнајмување на инструменти, ангажирање на хонорарни соработници во оркестарот.

    „Врз основа на овие параметри, нашата институција ја утврдува цената на билетот за секој концерт поединечно. Колку за споредба, хонорарите на некои од уметниците кои веќе настапувале кај нас не се исти како пред неколку години, и ако тогаш билет за нивни концерт чинел 600 или 800 денари, сега чини 1.000 или 1.200 денари, бидејќи се зголемил и нивниот хонорар. Нашата публика честопати има можност ги слуша истите солисти, како и публиката во Белград или Софија, но со пониска цена на билет. Цената за билетот за концертот на врвниот виолинист Сергеј Крилов, кој во ист период настапи и кај нас и во Србија чинеше 600 денари, а во Белград цената на билетот се движеше од 1.250 до 1.600 денари. Генерално цената на билетите за концерт на Македонската филхармонија е пониска од цената на билетите на филхармониските оркестри во регионот“, ни рекоа од Филхармонијата.

    За тоа, на што се должи ова поскапување, со оглед на тоа дека е државна институција која за својата работа добива пари од Буџетот, од Филхармонијата велат: „Институцијата од оваа година добива делегиран буџет и откако ќе ги искалкулираме сите расходи, остануваат помалку средства отколку што е потребно за да се креира квалитетна програма. Дел од трошоците за реализација на концертите се покриваат од продажбата на карти и од дополнителни извори“.

    Директорот на Драмскиот театар, Роберт Вељановски, вели дека билетите за двете најнови претстави, „Куршуми над Бродвеј“ во режија на Ненад Витанов и „Болва в уво“ на Синиша Евтимов, чинат по 1.000 денари, но тоа не значи дека цената ќе остане иста до последната изведба.

    „Не сакам во ниеден момент да се помисли дека настапуваме елитистички. Проценката за овие две претстави, кои објективно чинат повеќе од другите претстави, беше дека ќе можеме да ги продаваме билетите по цена од 1.000 денари. На наша среќа, тоа наиде на одличен прием кај публиката. Досега се распродадени сите најавени и реализирани изведби на ‘Болва в уво’, вклучувајќи ја и премиерата, а распродадени се и изведбите за претставата ‘Куршуми над Бродвеј’. Која е разликата? Продукциски, не е исто да имате двајца или 15 актери на сцена. Ако безмалку сите продукции во 2021, 2022 и 2023 година беа со минимална сценографија – една масичка, две столчиња, со костимографски решенија сведени на маички и панталончиња, сега тоа е сосема поинаку. Во ‘Куршуми над Бродвеј’ и во ‘Болва в уво’ на сцена има 15 актери, сериозни костимографски и сценографски решенија кои чинат многу повеќе. Зад сцената, пак, работат најмалку уште 20 луѓе од помошно-уметничкиот и техничкиот персонал. Токму поради ова сметавме дека треба билетите да бидат со цена од 1.000 денари. Тоа се покажа како успешно и сè уште има сериозно голем интерес и за двете претстави. Тоа не значи дека цената ќе остане иста до последната изведба, но додека има интерес, економската логика налага цената да биде таа“, вели Вељановски.

    „Јас сакам и работам на тоа моите колеги не само да имаат убави плати, туку и да бидат почитувани. А Драмски и актерите на Драмски се бренд кои го заслужуваат тоа“, вели Роберт Вељановски. (Фото: СДК.МК)

    За реакциите во јавноста дека цените се зголемени иако Драмскиот театар е национална установа финансирана од Министерството за култура, Вељановски вели дека Министерството за култура и туризам целосно ги покрива платите на вработените и определува средства за уште три програми: Програма за продукција на претстави, меѓународна дејност и издаваштво. Во програмата за продукција на претстави за 2025, Министерството за култура определи делегиран буџет од 5.900.000 денари или околу 95.000 евра (во 2024 тој изнесуваше 3.100.000 денари односно околу 50.000 евра). Согласно одлуката на Управниот одбор, во 2025 се одобрени пет проекти со различна финансиска вредност, со цел, како што вели Вељановски, најрационално да се искористат средствата.

    „Средствата кои се одобрени за секоја програма пооделно не смеат да се пренаменуваат од една програма во друга, така определува законот. Ако останат средства во некоја од програмите тие мора да се вратат во буџетот. Ако, пак, се надмине планираниот износ, разликата мора да се покрие преку спонзорства или сопствени средства. Средствата од продажба на билети одат на сопствената сметка на театарот и со нив ние самостојно располагаме, се разбира со одлуки на Управниот одбор. Многу е важно да се каже дека Драмскиот театар редовно за секоја продукција, во зависност од потребите на продукцијата, вложува помеѓу 10% и 20% од сопствените средства со цел да се надополни буџетот за претставата за таа да биде побогата, поквалитетно сработена и визуелно обликувана согласно нашите стандарди“, додава Вељановски.

    Говорејќи за платите, тој посочува дека на платен список на Драмски има 86 вработени лица, од кои 40 се вработени во актерскиот ансамбл.

    „Согласно стандардите за работа во театар на еден вработен актер потребно е да има 3 до 3,5 лица кои работат на опслуга на актерот. Во оваа бројка од 3 до 3,5 лица се вклучени вработени од администрацијата, помошно-уметничкиот персонал и техниката. Кај нас таа бројка е 1,15 по актер што е вон сите стандарди за работа. Еден човек треба работи и по 18 часа дневно, да речеме за да ги подготви костимите за проби, да ги собере и да ги испере, да ги подготви костимите за претстава, па потоа да ги собере и испере. Затоа, во администрацијата, помошно-уметничкиот персонал и техниката имаме соработници ангажирани со договори за дело или со тендерски постапки, а нивните хонорари се исплаќаат од сопствени средства. За колку толку нормално да функционираме потребни ни се најмалку 1 човек во администрацијата, тројца во помошно-уметничкиот оддел и шестмина во техниката“, кажа тој, додавајќи оти побарале нови вработувања и очекуват да им бидат одобрени 10.

    Меѓу аргумените за поскапувањето на булетите, тој ги споредува цените на билетите за домашните проекти спонзорирани од државниот буџет со оние за странските кои се платени со приватни пари и кои настапуваат во Македонија.

    „Ако било која театарска трупа дојде во Македонија и наплаќа билети по 1.500- 2.000 денари, зарем не мислите дека македонските актери заслужуваат третман барем за половина од она што го наплаќаат нашите колеги. Јас разбирам дека се ѕвезди, ама ние мора да се грижиме и да создаваме наши ѕвезди. Белграѓани за еден македонски актер кој игра во тамошните претстави, бескрајно почитувајќи го неговиот талент и работа, плаќаат онолку колку што ќе определи театарот. Салоните се преполни. Зошто ние не го цениме тој наш актер и неговиот труд не би го платиле барем половина од она колку што плаќаат другите. Јас сакам и работам на тоа моите колеги не само да имаат убави плати, туку и да бидат почитувани. А Драмски и актерите на Драмски се бренд кои го заслужуваат тоа. Исто така, Драмски театар доследно и без исклучок ги почитува позитивните одлуки на Министерството за култура и туризам и на Владата и овозможува 50% попуст за пензионерите, студентите и учениците, како и слободен влез за секој студент во четврток“, ни рече Вељановски.

    Од Министерството за култура и туризам ни рекоа дека се запознаени со фактот оти во изминатиот период дел од националните институции, како Националната опера и балет, Филхармонијата, Драмскиот театар и други установи од национално значење, имаат извршено „минимална корекција на цените“ на билетите за одредени настани.

    „Притоа, важно е да се нагласи дека Министерството не влијае и не одлучува директно врз износот на цените на билетите. Согласно законските надлежности, секоја институција самостојно ја утврдува цената на билетите, врз основа на реалните трошоци и карактерот на конкретната програмска содржина. Цената на билетите се формира врз основа на повеќе параметри – ангажманот и хонорарите на уметниците (солисти, диригенти, режисери, кореографи), комплексноста на продукцијата, сценските и техничките барања, како и дополнителните трошоци поврзани со реализацијата на секој поединечен настан. Овие трошоци, особено во делот на уметничките хонорари и продукциските услови, бележат раст во последните години, што неминовно се одразува и врз цената на билетите. Сепак, станува збор за умерени и внимателно одмерени корекции, при што цените и понатаму остануваат пониски во споредба со оние во регионот“, велат од Министерството за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Од Министерството велат дека е важно да се истакне оти интересот кај публиката бележи зголемена посетеност, а институциите имаат збогатување на репертоарот. Како пример, велат, во Драмскиот театар во 2023 биле реализирани 112 претстави, кои ги посетиле вкупно 16.205 гледачи, додека во 2025 бројот на одиграни претстави пораснал на 166, а публиката достигнала 25.943 посетители. Во Филхармонија во 2023  биле изведени 32 концерти со 8.698, додека во 2025  биле изведени 31 концерт со вкупно 9.695 продадени билети.

    „Воедно, сите национални институции водат сметка за социјалната димензија и пристапноста на културата. Во таа насока, предвидени се поволности за одредени категории на публика, при што студентите и пензионерите остваруваат право на билет со 50% попуст од редовната цена“, додаваат од Министерството.

    На нашето прашање дали ќе се преземе нешто за оваа нивна одлука, со оглед на тоа дека се државни институции кои за својата работа добиваат средства од буџетот, а плус и делегиран буџет за својата програма, од Министертвото ни одговорија дека во однос на делегираниот буџет, овој модел не е поврзан со утврдувањето на цените на билетите.

    Делегираниот буџет, вели Министерството, претставува системско решение со кое на институциите им се овозможува поголема финансиска и програмска автономија, а директорите се позиционираат како одговорни менаџери на своите установи, со целосна одговорност за планирањето, распределбата и рационалното користење на средствата.

    „Буџетските средства обезбедени од државата се наменети за основното функционирање и реализација на програмата, но тие не секогаш ги покриваат во целост трошоците за создавање на високо квалитетна, современа и конкурентна културна понуда. Оттука, приходите од продажба на билети и од дополнителни извори претставуваат легитимен и неопходен сегмент во обезбедувањето одржливост, без притоа да се наруши јавниот карактер на институциите“, вели Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира