Пред очи на полицајци ме удираше со клоци и ми се закануваше дека ќе ме силува, а цело семејство ќе ми го убие, рече скопската градоначалничка Данела Арсовска откако излезе од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ каде денеска беше примена во Ургентниот центар, откако попладнево физички беше нападната на Бит Пазар при увид на дивoградба спроти полициската станица во Чаир.
„Најпрво лицето ми се закануваше вербално, не можам да изговорам со какви погрдни зборови ми се обраќаше, велеше ќе ме силува. Потоа пред очите на полицајците ме нападна физички, почна да ме удира со клоци. Тие само го тргнаа и застанаа пред мене и ништо друго не преземаа, дозволуваа толпата да вика и да ги напаѓа луѓето од Градот, да ги удираат со столици, да ги плукаат… Тоа лице кое направило толкава дивоградба пред сите нас се јави на 20 луѓе на високи функции во МВР и им кажуваше што сè ќе ми направел, им викаше дека ќе ме убие, ќе ги ликвидирал еден по еден членовите на моето семејство“, рече Арсовска.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека се приведени двајца напаѓачи.
„Во врска со настанот во кој што е пријавено дека градоначалничката на град Скопје била физички нападната, од страна на полициски службеници од СВР Скопје обезбедени се две лица кои во моментов се во Полициска станица со кои се обавува службен разговор“, велат од МВР.
Од ГОБ „8 Септември“ претходно ни изјавија дека Арсовска била примена во Ургентен центар видно вознемирена и со контузии од удирање со клоци и тупаници и е прегледана од специјалисти.
Арсовска рече дека денеска излегле на увид на оваа дивоградба по пријава од граѓани. На оваа дивоградба рече дека еднаш веќе биле на увид и пријавена е во МВР, но никој не постапува. Рече дека објектот кој се гради на самиот булевар нема одобрение за градба, нема платено комуналии, краде струја и вода.
Таа кажа дека иако досега постојано пријавува ниту за една дивоградба не е постапено, ниту пак се постапува за заканите кон неа.
Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу го осуди нападот врз Арсовска и негира поврзаност со инцидентот.
„Општина Чаир најостро го осудува инцидентот што се случи помеѓу градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, и неколку лица на територија на Општина Чаир. Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество. Сметајќи дека е важно јавноста да биде точно информирана, ја појаснуваме фактичката состојба – настанот воопшто не е поврзан со нашата институција. Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот“, објави Ганиу на Фејсбук.
Хелсиншкиот комитет бара истрага за полициските службеници што не го спречиле нападот врз градоначалничката Арсовска.
„Овој напад е уште еден алармантен пример за ризиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот – насилство, навреди, закани, клевети и институционална незаинтересираност. Министерството за внатрешни работи соопшти дека се приведени двајца напаѓачи. Но нема информации за мерки против полициските службеници кои биле присутни на местото на настанот. Оттука, Хелсиншкиот комитет за човекови права бара: · Итна и независна истрага за случајот, · Одговорност за полициските службеници кои не постапиле соодветно на местото на настанот, · Кривично пријави против сторителите и соодветна постапка против нив, · Обезбедување ефективна и итна заштита за градоначалничката и другите службени лица кои биле нападнати. · Осуда на нападот од страна на сите политички и општествени чинители. Одделот за внатрешна контрола,криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР итно да го разгледа (не)постапувањето на полициските службеници и да преземе соодветни дејствија и мерки против нив. Дополнително, ги повикуваме сите надлежни институции во овој случај да дејствуваат итно и одговорно. Непостапувањето на институциите во случаи на очигледно насилство не само што ја охрабрува културата на неказнивост, туку директно го загрозува владеењето на правото и демократијата“, вели Хелсиншкиот комитет.
Градоначалниката Данела Арсовска на 31 мај достави документи за незаконски легализации на дивоградби во Обвинителството, а на 27 јуни до до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) достави докази за нови, како што рече, криминални легализации од градоначалникот Висар Ганиу.
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРАЛО ОД ФИНАНИСКА ПОЛИЦИЈА ДА ПРИБАВИ ДОКУМЕНТАЦИЈА ОД ОПШТИНА ЧАИР ЗА ДИВОГРАДБИТЕ КОИ ГИ ПРИЈАВИ АРСОВСКА
- ВИСАР ГАНИУ ЛЕГАЛИЗИРАЛ 12-КАТНИЦА ИЗГРАДЕНА ВО 2024 ВЕЛЕЈЌИ ДЕКА Е ОД 2011, А ТОГАШ ЛИЦЕТО ШТО ЈА ГРАДЕЛО ИМАЛО 11 ГОДИНИ, РЕЧЕ АРСОВСКА
А. АНТЕВСКА