ПРЕСПА ИМА ИСТОРИСКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА ОД ВРЕМЕТО НА АСНОМ, НО СПОМЕНИКОТ ПРОПАЃА ЗАПУСТЕН

    ПРЕСПА ИМА ИСТОРИСКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА МАКЕДОНИЈА ОД ВРЕМЕТО НА АСНОМ, НО СПОМЕНИКОТ ПРОПАЃА ЗАПУСТЕНСпоменикот сведочи дека Преспа, местото каде што во недела ќе се пишува ново поглавје од македонската историја, има историско значење за Македонија уште од времето на Народно-ослободителната борба (Фото: СДК.МК)

    Тоне во заборав историскиот Споменик на Преспанското советување подигнат пред 45 години во Отешево, Преспа, во чест на состанокот од 1943 година кој имаше решавачко влијание за организирањето на АСНОМ и создавање на македонската национална држава.

    Споменикот сведочи дека Преспа, местото каде што во недела ќе се пишува ново поглавје од македонската историја, има историско значење за Македонија уште од времето на Народно-ослободителната борба.

    Изграден е во 1973, а автор е еден од најпознатите македонски скулптори, Јордан Грабулоски.

    Архивска фотографија од одбеележувањето на Преспанското советување

    За жал, иако е висок пет метри, шумата скоро го има проголтано ова историско обележје. Одвај се забележува, а сместено е на двесте метри крај асфалтниот пат што води за туристичките населби Отешево и Стење. Приодот е обраснат со вегетација, а неколкуте десетици скали што водат до него, не биле поправени со години. На спомен плочата слабо се чита што пишува, мозаичната површина е оштетена, а на бетонот не е ставена четка со боја долго време.

    Пред распадот на Југославија на Илинден споменикот го посетувале преживеани борци од НОБ, сега никој не го посетува – Блаже Николовски од селото Шурленци (Фото: СДК.МК)

    Жителите од преспанските села ни рекоа дека одамна никој не го посетува. Некои нѐ упатуваа да побараме организација на борци зашто тие го избришале од нивната меморија.

    Единствено само Блаже Николовски од село Шурленци се присети на прославите  што во минатото се одржувале крај споменикот.

    „Се сеќавам кога го правеа споменикот, бев дете, тоа беше во седумдесетите години од минатиот век. Се собираа таму секоја година на Илинден, доаѓаа во тоа време Цветко Узуновски, носител на Партизанска споменица, Лазо Шестаков и Мирко Трповски од Покрвеник, како и други членови на одредот, команданти, борци… Сега никој не оди,  запустено е таму, не се одржува. А беше споменик од историско значење за државата“, ни рече Николовски.

    Изграден е во 1973, а автор е еден од најпознатите македонски скулптори, Јордан Грабулоски. Приодот е обраснат со вегетација, а неколкуте десетици скали што водат до него, не биле поправени со години. На спомен плочата слабо се чита што пишува, мозаичната површина е оштетена, а на бетонот не е ставена четка со боја долго време (Фото: СДК.МК)

    Токму на ова место, Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија (ЦК на КПМ) од 2 до 4 август 1943 донесол клучни одлуки со кои се создале политичко-правни претпоставки за свикување на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ. Донесени биле одлуките за прераснување на партизанските одреди во воени единици, за интензивирање на изградбата на народната власт, организационо зајакнување и проширување на организациите на КПМ и Сојузот на комунистичката младина (СКОЈ), и за усвојување платформа на Народноослободителната војска (НОВ) на Македонија. На советувањето учествувале членовите на ЦК на КПМ Кузман Јосифоски – Питу, Цветко Узуновски – Абас, Страхил Гигов – Андро, инструкторот на ЦК на КПЈ во Македонија, Добривое Радосавлевиќ – Орце, подоцна се приклучил и Светозар Вукмановиќ – Темпо, делегатот на ЦК на КПЈ и на Врховниот штаб на НОВ и Партизанските одреди на Југославија во Македонија.

    Темпо во еден извештај до КПЈ по Преспанското советување истакнал дека „ние во Македонија стоиме пред организирање Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и пред организирање Народноослободителна војска на Македонија. Со самото тоа, Македонија уште денес добива полна слобода и рамноправност со хрватскиот, српскиот, словенечкиот и со другите народи на Југославија“.

    Историчарот Александар Литовски, кој детално го истражувал овој дел од македонската историја вели дека на Преспанскиот состанок, како што тој го нарекува, биле донесени клучни одлуки за идниот политички и државоправен статус на Вардарскиот дел на Македонија.

    „Преспанскиот состанок во историјата на македонскиот народ има исклучително позитивно значење, оти потикнувачки влијаеше врз развојот на вооружената антиокупаторска борба, имаше решавачко влијание за организирањето на АСНОМ и, во крајна линија, имаше пресудно значење за создавањето на македонската национална држава“, вели Литовски.

    Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски вели дека годинава се навршуваат 75 години од Преспанскиот состанок, па за Илинден ќе одржат чествување кај споменикот.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира