ПРОИЗВОДСТВОТО НА ОВОШЈЕ ДРАСТИЧНО НАМАЛЕНО, РОДОТ НА ЦРЕШИТЕ И ЈАБОЛКАТА ПРЕПОЛОВЕН

    ПРОИЗВОДСТВОТО НА ОВОШЈЕ ДРАСТИЧНО НАМАЛЕНО, РОДОТ НА ЦРЕШИТЕ И ЈАБОЛКАТА ПРЕПОЛОВЕННајдрастично намалување од 54,1 отсто е евидентирано кај црешите, каде што се собрани само 2.544 тони во споредба со 5.537 тони претходната година. (Фото: СДК.МК)

    Во текот на 2025 година во Македонија е забележан сериозен пад на производството кај сите овошни култури, иако истовремено има благ пораст на површините под овоштарници, покажуваат најновите податоци на Државниот завод на статистика (ДЗС) за земјоделското производство. Најдрастично намалување од 54,1 отсто е евидентирано кај црешите, каде што се собрани само 2.544 тони во споредба со 5.537 тони претходната година.

    Сличен негативен тренд е забележан и кај останатите овошја. Производството на јаболка е намалено за речиси 45 отсто, паѓајќи од 127.696 на 70.751 тони. Кај вишните е регистриран пад од 42,8 отсто, кај крушите 44,4 отсто, а кај оревите околу 41 отсто. Најмало намалување од 31,6 отсто има кај праските, додека кај сливите родот е помал за една третина. Ова се случува во период кога површините со овошни насади пораснале за 1,5 отсто, додека кај лозјата е забележано намалување на површините од 1,9 отсто.

    За разлика од овоштарството, кај дел од полјоделските култури статистиката бележи позитивни движења. Производството на сончоглед е зголемено за 5,8 отсто, кај тутунот за 3,5 отсто, кај оризот за 2,9 отсто, а кај компирот за 2,3 отсто. Од друга страна, кај градинарските производи како доматите и пиперките има благ пад од 2,6 односно 1,4 отсто. Најголемо намалување во овој сектор е регистрирано кај крмната пченка, чие производство е помало за 33,5 отсто во споредба со 2024 година.

    Вкупната обработлива површина во земјата минатата година изнесувала 504.478 хектари.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира