Не е измерена радијација во Трубарево по пожарот во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“, а во непосредна близина е измерена висока концентрација на штетни супстанци, рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Опасен отпад денеска гори во рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, соработник на компанијата „Нула отпад“ која е е овластена за преземање отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад. Пожарот почна денеска околу 13.30 часот во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти.
Тошковски рече дека припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) се на терен и им препорачуваат на жителите кои се во радиус од 150 метри од центарот на пожарот, да ги напуштат своите живеалишта. Обезбедени се 450 легла во Центарот за обука во Идризово за оние жители кои немаат каде привремено да се сместат. Според мерните единици на специјалната единица на Министерството за одбрана, на 200 метри од центарот од пожарот загаденоста е ниска, а на 400 метри нема загадување.
Министерот рече дека пожарот е локализиран, но уште е активен и се гаси со ситен песок. Во полициска станица, по насока на јавен обвинител, во тек се разговори со три лица од компанијата, управители и сопственик.
Претходно, Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, рече дека Македонија е мета на хибриден напад, бидејќи за толку кратко време се случија тешки пожари кои предизвикуваат големо загадување на взодухот.
Веднаш по изјавата, САКАМДАКАЖАМ.МК. испрати прашање до Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, дали ќе свика итна седница Советот за безбедност. Во 23.05 часот, Кабинетото на претсдателката одговори:
„Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е целосно информирана и за пожарите во депониите Вардариште и Дрисла коишто се надлежност на Градот Скопје и за пожарот во објектот кај Трубарево. Таа ја следи состојбата и е во постојана комуникација со сите надлежни институции коишто работат на утврдување на причините за пожарите, на санирање на последиците и на превенирање на слични идни инциденти. Советот за безбедност ќе биде свикан доколку проценките на надлежните служби укажат на потреба за тоа“.
На новинарско прашање на вечерашната прес-конференциза за повеќе детали за хибридниот напад, Тошковски кусо рече дека на последниот состанок на Кризниот штаб разговарале за гаснење на пожарот и за помош на населението.
„Но, ова ќе кажам, Господ не може да ме увери дека 4 пожари за 3 дена се случајност“, рече Тошковски.
Ангелов рече дека дел од пожарот зафаќа дрвја, даски, пластика и друг горлив материјал.
„Делот во кој се наоѓа електронскиот отпад ќе го изолираме и ќе го гасиме со песок“, кажа Ангелов.
Миистерот за земјоделство Цветан Трипуновски рече дека во близина на пожарот нема голема површина за одгледување на земјоделски производи, а доколку имаат оштетувања од загадувањето и од пожарот, земјоделците ќе бидат обесштетени.
На крајот од прес-конференцијата, министерот за здравство Азир Алиу се сврте кон новинарите и им рече: „Ве молам носете маски“.
Од Министерството за здравство претходно соопштија дека, во координација со Институтот за јавно здравје, обезбедиле 2.000 заштитни маски N95 кои вечерва се бидат дистрибуирани до жителите на скопското село Трубарево.
„Маските се ставени на располагање од ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, а дистрибуцијата ќе се реализира со поддршка на тимови од јавните претпријатија и Општина Гази Баба. Со оваа мерка се обезбедува навремена поддршка за локалното население, со цел намалување на непосредната изложеност на загадениот воздух предизвикан од пожарот. На лице место се присутни и две возила на итната медицинска помош, подготвени да интервенираат и да укажат соодветна здравствена помош како на пожарникарите, така и на граѓаните доколку имаат потреба“, соопштија од Министерството за здравство.
Како што предупреди граѓанската инцијатива „Шанса за центар“ на својата официјална фејсбук страница, кога горат литиум-јонски батерии, најтоксична супстанца која се ослободува е хидроген флуорид (ХФ), која може да предизвика тешки нарушување на здравјето ако е во затворен или полузатворен простор. Според Европската агенција за хемикалии (ЕЦХА), ХФ е класифициран како многу токсичен, корозивен и опасен за здравјето дури и при ниски концентрации. Покрај ХФ, при горење на батериите гори и електролитот кој е внатре, како и пластиката и амбалажата во која се спакувани. Од нив дополнително се ослободува јаглерод диоксид (ЦО₂), јаглерод моноксид (ЦО), соединенија што содржат хлор, азот, сулфур и ред други соединенија кои не се нетоксични.
Кога гори електронски отпад во кој многу често има печатени плочки, пропратна пластика и други материјали како олово (Пб), кадмиум (Цд), хром (Цр), никел (Ни), бакар (Цу) и цинк (Зн) со горењето се создаваат соединенија кои ги содржат овие елементи. Дополнително, литиум-јонските батерии при горење развиваат многу високи температури (од 800- па до 1600 степени, зависно од јачината) дури прават и мини експлозии.
Батериите при складирање пред рециклирање се неутрализираат и има посебни мерки за заштита како и обуки на вработените.
При вакви пожари треба да се евакуираат сите што се изложени на ХФ-хидроген флуорид.
Б. НЕСТОРОСКА