РЕАЛНО ПРИСУТНОТО НАСЕЛЕНИЕ НЕ НАДМИНУВА 1,5 МИЛИОНИ, ЗА 20 ГОДИНИ МОЖЕ ДА БИДЕМЕ ПОД 1 МИЛИОН ЖИТЕЛИ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ

    РЕАЛНО ПРИСУТНОТО НАСЕЛЕНИЕ НЕ НАДМИНУВА 1,5 МИЛИОНИ, ЗА 20 ГОДИНИ МОЖЕ ДА БИДЕМЕ ПОД 1 МИЛИОН ЖИТЕЛИ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ„Ќе бидеме држава под 1 милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер еден вработен“, вели Мицкоски. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Христијан Мицкоски вели дека за 20 години Македонија би можела да падне под еден милион жители, што би предизвикало уривање на пензискиот и здравствениот систем. На промоција на петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), Мицкоски рече дека демографската рецесија трае повеќе од 70 години, при што бројот на новородени деца е во постојан пад.

    „Во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња. Во 2024 година имаме само околу 16.000. Овој пад има две главни причини: иселувањето на младите и намалениот наталитет“, изјави Мицкоски.

    Тој додаде дека иако според последниот попис земјата има над 1,8 милиони жители, реалната бројка на присутно население не надминува 1,5 милиони. Со над 700.000 вработени и околу 350.000 пензионери, проекцијата за иднината е загрижувачка.

    „За 20 години се плашам дека ќе бидеме држава под 1 милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот и за здравствениот фонд. Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат, но ова мора да биде прв приоритет“, рече премиерот.

    Мицкоски рече дека создавањето семејство со повеќе деца е иднината на државата.

    „Формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина“, вели Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира