РЕГИОНАЛЕН ПРОБЛЕМ СО ВИСОК НАПОН И НИСКА ПОТРОШУВАЧКА ВО МРЕЖАТА ПРЕДИЗВИКА ПРЕКИН НА СТРУЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛАТ ОД МЕПСО

    РЕГИОНАЛЕН ПРОБЛЕМ СО ВИСОК НАПОН И НИСКА ПОТРОШУВАЧКА ВО МРЕЖАТА ПРЕДИЗВИКА ПРЕКИН НА СТРУЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ВЕЛАТ ОД МЕПСООд МЕПСО велат дека нивните екипи продолжуваат да работат на целосно нормализирање на стабилноста на електроенергетскиот систем. (архивска фотографија)

    Во раните утрински часови дојде до дефект и краткотраен испад на 110-киловолтната преносна мрежа, што предизвика поголемиот дел од државата да остане без напојување со електрична енергија, соопштија од државната компанија за пренос на електрична енергија АД МЕПСО.

    Причина за прекинот, како што велат од компанијата, се високите напони на 400-киловолтната мрежа во целиот регион, кои го засегнале македонскиот електроенергетски систем и предизвикале краткотраен испад на енергетските трансформатори 400/110 киловолти во трансформаторските станици.

    „Станува збор за регионален и европски проблем со кој се соочуваат речиси сите преносни систем оператори поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината. Од настанување на испадот, екипите на АД МЕПСО експресно реагираа и за околу еден час по прекинот, нормализирано е напојувањето со електрична енергија во државата“, соопштија од АД МЕПСО.

    Оттаму додаваат дека нивните екипи продолжуваат да работат на целосно нормализирање на стабилноста на електроенергетскиот систем.

    „Дополнително, вреди да се истакне дека систематично преку реализација на новите инвестиции во тесна соработка со соседните преносни систем оператори, се придонесува за зајакнување на стабилноста на системот, кој во минатото беше сериозно запоставен и неадекватно одржуван. АД МЕПСО и понатаму будно ја следи состојбата и се врши координација со преносните системи во регионот со цел да се обезбеди стабилност во системот и безбедност на корисниците со напојување со електрична енергија“, се вели во соопштението.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира