Медицинската документација, упатите, рецептите, извештаите и регистрите ќе се водат дигитално, со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за евиденции од областа на здравството, најави денеска министерот за здравство Азир Алиу. Хартиената документација ќе се користи само во исклучителни ситуации како привремено решение при прекин на системот. Сите јавни и приватни здравствени установи ќе мора да користат систем усогласен со националниот систем.
„Но, законски не мора веќе да се принтаат тие на форма на рецепт, извештај и така натаму. Една од пречките беше дека законски мора да се принта и тој е документ официјален, сега веќе станува и електронскиот документ како официјален документ. Сè ќе биде дигитално и пациентот само треба да се појави во здравствена институција со документ за лична идентификација. Лекарот ќе има пристап до досието и до целиот здравствен историјат на пациентот“, кажа министерот.
Со ова законско решение, кое деновиве ќе биде поставено на Националниот систем ЕНЕР, како што рече Алиу, се надминуваат досегашните ограничувања во системот на здравствени евиденции и се овозможува нивно целосно електронско водење преку Националниот систем за електронски евиденции во здравството.
„Една од клучните новини е регулирање на електронското здравствено досие за секој пациент во државата. Тоа ќе претставува централен извор за сите здравствени податоци на пациентот: од прегледи и резултати, до упати, рецепти и телемедицински услуги. Со ова се овозможува подобро следење на здравствената состојба на пациентот и поефикасна здравствена грижа“, кажа Алиу.
Министерот најави дека се работи на Националниот хардверски центар во просториите на Министерството. Со законското решение исто така и „Мој термин“ ќе се користи, ќе се надградува.
Како значајна новина во Законот, Алиу го најави и пилот-проектот телемедицина, кој ќе биде на национално ниво инкорпориран во здравствените услуги и ќе биде третиран за здравствена услуга како традиционалните. Пилот-проектот ќе почне помеѓу Скопје, Дебар и Делчево.
„Со сегашниот закон, телемедицината не е воопшто опфатена и секоја услуга којашто евентуално може да се даде во дистанца не се нотира како здравствена услуга. Значи, исто така, таа е голема новина во законот. Ќе има два пристапа. Едниот, ќе креираме центри во сите градови коишто може физички да оди пациент таму и да се сретне преку видео-конференција со специјалист во Скопје и да се третира во далечина. Вториот момент е мобилната апликација, за која веќе е направена техничката спецификација како треба да изгледа. Значи ќе има и мобилна апликација којашто ќе се поврзува директно со матичниот лекар и матичниот лекар може и во дистанца и да препишува и да се консултира со пациентот. Со ова ќе решаваме неколку проблеми, како на пример дека тие здравствени услуги се многу поевтини и здравствените услуги коишто во моментот се лимитирани во внатрешноста на државата, ќе бидат достапни“, додаде министерот.
Алиу лани во октомври најави дека 12 закони од областа на здравството се анализираат од претставници на лекарски здруженија, синдикати, комори и тимови од Министерството за здравство, за да бидат синхорнизирани и да не се кочат процесите во здравствениот систем. На ЕНЕР веќе се поставени Законот за здравствена заштита, Законот за заштита од пушењето, Законот за здравствено осигурување и Законот за заштита на населението од заразни болести.
Б. НЕСТОРОСКА



