Претседателот на САД Доналд Трамп објави дека американските сили успешно извршиле напади врз три иранските нуклеарни локации.
„Го завршивме нашиот многу успешен напад врз три нуклеарни локации во Иран, вклучително и Фордо, Натанц и Исфахан“, објави Трамп. на неговата социјална мрежа Трут соушал . „Сите авиони сега се надвор од иранскиот воздушен простор.“
Фокс њуз по разговор со американскиот претседател објави дека врз главната локација Фордо биле употребени шест бомби што можат да пробијат бункери.
Според извештаите, нападите биле извршени од три американски „Б2- стелт“ бомбардери од кои секој носел по две бомби.
Од американски подморници врз Натанц и Исфахан биле истрелани 30 крстосувачки ракети „томахавк“.
Трамп изјави дека работел „како тим“ со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, нагласувајќи дека соработката била „можеби“ како „ниеден тим што досега работел“.
Нетанјаху веднаш го поздрави американското вклучување во нападите што Израел ги почна пред една недела.
Во обраќање од Белата куќа до нацијата Трамп го нарече Иран „насилник на Блискиот Исток“ и предупреди на дополнителни напади доколку не се постигне мир.
„Ако не го сторат тоа, идните напади ќе бидат многу посилни и многу полесни за нас“, изјави Трамп во Белата куќа. Тој ја оправда акцијата како одговор на долгогодишен проблем, иако целта била да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје.
„Веќе 40 години Иран вели: смрт за Америка, смрт за Израел“, рече Трамп. „Ги убиваат нашите луѓе, им ги разнесуваат рацете, им ги разнесуваат нозете со патни бомби.“
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, изјави дека е „длабоко вознемирен“ од „опасната ескалација“ поради нападите на американските бомбардери врз нуклеарните локации во Иран.
„Постои сè поголем ризик овој конфликт брзо да излезе од контрола — со катастрофални последици за цивилите, регионот и целиот свет,“ сооппти неговиот кабинет.
Тој додаде дека „во овој опасен момент, клучно е да се избегне спирала на хаос“ и повика на понатамошна дипломатија.