По час и половина поминати пред Собранието на протестот во Скопје, со извици и молби да излезат пратениците и да им подадат барем некое шише вода на жешкиот асфалт на родителите, браќата, сестрите, бабите и дедовците на загинатите млади луѓе во дискотеката „Пулс” во Кочани на 16 март, излегоа само пратениците од Левица, а потоа и од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ и од албанските партии никој не сакаше да дојде и да се соочи со ужалените семејства, кои најмногу го бараа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
САКАМДАКАЖАМ.МК праша во кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши дали тој или некои други пратеници ќе дојдат да поразговараат со луѓето во црно кои ги држеа на срцето фотографиите од своите загинати деца, но одговор не доби. А, и спикерот Гаши не се симна и не дојде.
Бесот и лутината тие ги изразија пред пратениците кои дојдоа кај нив. Извикуваа „убијци“ и други обвинувања, додека лидерот на СДСМ Венко Филипче и пратениците стоеја мирно пред нив.
На Филипче му рекоа да им каже на своите, а и на ВМРО-ДПМНЕ кои останаа внатре во собраниската зграда, дека веќе се непожелни во Кочани. Му рекоа да пренесе дека повеќе не сакаат да видат партии за ниту едни избори во иднина и дека тие ќе си кандидираат човек, луѓе, место нечовек/нелуѓе како досега. Имаше и такви кои им се заблагодарија на Крмов и на Филипче што се симнаа долу на улица со нив. Филипче им кажа дека не треба ни заблагодарување, ниту пак сфаќање дека дошле за политички поени.
Откако им се извикаа на пратениците, ужалените роднини отидоа во Министерството за внатрешни работи (МВР) каде на нивно барање имаа средба со министерот Панче Тошковски. Тој ги уверуваше дека МВР од прв ден работи неселективно на овој случај и дека правда ќе има. Родителите му велеа дека не му веруваат, на што тој одговори дека го разбира нивниот гнев и тоа што немаат доверба во институциите.
Во Собранието тече седница за интерпелација на министерот Панче Тошковски. Пратеникот Јован Митрески од СДСМ во неврзан муабет со новинарите кажа дека после овој протест, револт и тага искажани денеска од најблиските на трагично загинатите младинци и деца од Кочани, беспредметно е таа седница да продолжи, а пратениците да се надмудруваат меѓусебно.
Пожарот во неисправната дискотека „Пулс“ настана при користење пиротехнички средства на концертот на групата „ДНК“, при што загинаа 62 лица, меѓу кои шест деца, а повредени беа 193, од кои 25 деца. Во странство остануваат хоспитализирани 33 повредени, а во земјава во моментот се лекуваат вкупно тројца пациенти, од кои во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“ еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти.
С. К. ДЕЛЕВСКА