СОБРАНИЕТО ГИ ИЗГЛАСА ЗАКЛУЧОЦИТЕ ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ПРЕДЛОЖЕНИ ОД СДСМ

    СОБРАНИЕТО ГИ ИЗГЛАСА ЗАКЛУЧОЦИТЕ ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ПРЕДЛОЖЕНИ ОД СДСМЗаклучоците ќе треба да ги почитува оваа и сите идни влади. (Фото: Ѓ. Личовски)

    По три дена расправа во Собранието за владината Информација за прифаќање на францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија врз Македонија и за преговарачката рамка со ЕУ, СДСМ додаде нови заклучоци, односно внесе мали измени во првичните предлог-заклучоци, кои потоа беа изгласани со 68 гласа „за“. Немаше „против“, ниту „воздржани“. Пратеникот на Демократски сојуз Павле Трајанов не гласаше за заклучоците.  Пред гласањето, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти пленарната сала.

    Нив ќе треба да ги почитува оваа и сите идни влади.

    Премиерот Димитар Ковачевски им се заблагодари и им честиташе на пратениците кои ги изгласаа заклучоците за францускиот предлог.

    „Честитки и огромна благодарност до пратениците кои денеска покажаа демократски капацитет, ги поддржаа заклучоците за европскиот предлог и гласаа за европска иднина на државата. Нема поголем патриотизам од поддршката за просперитет на земјата и од одлуки кои се од највисок интерес за државата и граѓаните. Конечно македонскиот јазик ќе ечи секаде низ Европа. Вака се сака државата, со мудри и државнички одлуки!”, објави Ковачевски на официјалната фејсбук страна.

    Пратеникот Арбр Адеми од ДУИ се слика додека гласа за предлог-заклучоците што ги поднесе заедно со колегата од СДСМ Јован Митревски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Усвоените заклучоци ги пренесуваме интегрално:

    „Во врска со информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на Европска Унија на 30 јуни 2022 година, предлагаме Собранието на Република Северна Македонија да ги усвои следните

    ПРЕДЛОГ-ЗАКЛУЧОЦИ

    1. Собранието на Република Северна Македонија, поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, ја задолжува Владата на Република Северна Македонија, да ги продолжи разговорите со Европската Унија со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси и да се усвои Преговарачката рамка со вградени европски принципи и стандарди, како и Копенхагенските критериуми за членство, согласно со спецификите и постигнатите резултати на Република Северна Македонија.

    2. Се задолжува Владата на Република Северна Македонија, преку државната делегација за преговори со ЕУ, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската унија. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година.

    Пратеникот на Демократски сојуз Павле Трајанов не гласаше за заклучоците. (Фото: К. Попов)

    3. Се задолжува Владата на Република Северна Македонија:

    А. Во Преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде наведен без било какви објаснувања, додавки или фусноти.

    При склучувањето на било какви договори, спогодби и документи со Европската унија кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со Фронтекс, истите да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без било какви објаснувања, додавки или фусноти.

    Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ без било какви објаснувања, додавки или фусноти.

    Б. Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската унија.

    В. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на пристапните преговори со ЕУ, пред првата политичка Меѓувладина конференција.

    Г. За одржувањето на првата Меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори и скрининг процесот и следната Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, согласно предлогот на Француското претседателство со ЕУ, да се донесат одлуки веднаш за да истите не зависат од донесување на дополнителни одлуки од страна на земјите членки.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата пред гласањето. (Фото: Ѓ. Личовски)

    4. Се задолжува Владата на Република Северна Македонија горенаведените Заклучоци да ги вгради во Отворачката Изјава на Република Северна Македонија на првата Меѓувладина конференција со Европската унија.

    5. Се задолжува Владата на Република Северна Македонија да го информира Собранието на Република Северна Македонија за конечно усогласената и усвоена Преговарачка рамка и другите документи кои ги усвојува Советот на ЕУ, како и редовно и континуирано да го информира Собранието за текот на пристапните преговори, вклучително и процесот на скрининг како прва отворачка фаза на пристапните преговори, како и за одвивањето на Меѓувладините конференции за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ“

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира