Пратеничката група на СДСМ нема да ги поддржи денешните интерпелации против министрите Панче Тошковски и Изет Меџити, заменикот-министер за внатрешни работи Астрит Исени и против пратеничката Илире Даути зашто позадината им е создавање етнички тензии и етнички поделби, што е стара стратегија на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кажа денеска Оливер Спасовски од СДСМ.
„Дека ДУИ со поднесените интерпелации ѝ угодува на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на која ѝ одговараат етнички поделби, се познава по тоа што во интерпелациите нема ниту еден збор за опасното загадување кое трае со денови и за немањето решение од страна на вицепремиерот Изет Меџити и Владата, нема ни збор за бегството на Артан Груби, ниту пак за нападот врз полицискиот инспектор од страна на бодигард на Христијан Мицкоски, кој не само што не е казнет, туку е и унапреден. Нема збор ниту за палењето на имотот на поранешниот полициски началник, ниту за криминално-безбедносните настани кои се случија последниве месеци и за многу други реални проблеми и затоа нема да ги поддржиме интерпелациите”, кажа Спасовски пред почетокот на седницата, на која покрај споменатите четири интерпелации, има и за вицепремиерот Иван Стоиљковиќ.
За интерпелацијата поднесена од Левица против пратеничката Илире Даути од ДУИ зашто одби да го стави на дневен ред Законот за бранителите поднесен од Славјанка Петровска, Спасовски рече дека виновникот има друго име и презиме и се вика Африм Гаши.
„Истиот тој Африм Гаши веднаш свика седница на Комисијата за финансирање и буџет кога Законот за унгарскиот кредит не беше ставен на комисиска расправа, а во случајот со бранителите, кога Илире Даути одбиваше да го стави на дневен ред на комисија, тој не го стори тоа. Освен тоа, ова претседателско место ѝ припаѓа на ДУИ, па и да ‘падне’ Даути, ќе дојде друг истомисленик од ДУИ, со кого Гаши пак исто ќе мисли”, смета Спасовски, кој е координатор на пратеничката група на СДСМ и денеска зборуваше во нејзино име.
Тој предупреди дека Македонија шест месеци е отруена од меѓуетнички потпалувачки теми, кои, според него, ѝ годат на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нема да учествува во тие игри. Рече дека СДСМ потрошила многу труд и енергија за да ги изгради тие меѓуетнички односи и во поделби нема да учествува.
С. К. ДЕЛЕВСКА