Полицијата, Градежната, Трудовата инспекција и Основното јавно обвинителство Битола извршија увид на местото каде што падна кранот врз трговскиот центар што се гради во поранешната битолската касарна. Ја проверуваат целокупната документација и ги испитуваат точните причини како дошло до тоа кран висок повеќе метри да падне врз објектот.
За среќа, нема повредени иако во првичната пријава до СВР Битола беше кажано дека има повредени лица.
Градежниот инспектор Велимир Лозановски рече дека хаваријата се случила при подигање товар за време на градбата на објектот.
„Се случило или поради мала нестручност или невнимание при ракувањето со кранот. Направено е оштетување на конструкцијата. Треба да се изврши испитување од овластена куќа, тоа ќе го побараме. Од страна на техничка документација самиот објект има валидна дозвола, пријавен е почеток на градба. Се работи за подизведувач. И Трудовата инспекција на терен проверува дали имаат валидна документација меѓу вработените и дали управувањето е со сертификат на кранот”, рече инспекторот Лозановски.
Изведувач на објектот е скопска компанија, а за време на несреќата на терен работеле подизведувачи.
„При изведување на градежни работи во голем трговски центар доаѓа до извиткување и кршење на конструкцијата на кранот кој паднал на дел од плочата, при што има видни оштетувања. Сите релевантни фактори кои треба да ги утврдат причините и фактичката состојба се на терен“, рече градоначалникот Тони Коњановски, кој исто така излезе на терен. Тој рече дека ќе биде издадено и решение за затворање на градилиштето.
Кранот врз објектот во градба се сруши денес околу 14 часот. Две екипи на Брзата помош излегоа на терен по повици од граѓани. Но, на лице место не затекнале повредени. И од Битолската болница ни изјавија дека нема донесено повредени.
Ж. ЗДРАВКОВСКА