СЕ РАСИПА ЕДИНСТВЕНИОТ ИСПРАВЕН РАДАР НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ, ЌЕ СЕ РАЗВЛЕЧЕ РАСПОНОТ НА СЛЕТУВАЊЕ ДОДЕКА СТИГНЕ ОД СТРАНСТВО ПРЕГОРЕНИОТ ДЕЛ

    СЕ РАСИПА ЕДИНСТВЕНИОТ ИСПРАВЕН РАДАР НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ, ЌЕ СЕ РАЗВЛЕЧЕ РАСПОНОТ НА СЛЕТУВАЊЕ ДОДЕКА СТИГНЕ ОД СТРАНСТВО ПРЕГОРЕНИОТ ДЕЛКонтролорите на летање летово се заканија со штрајк ако не се инсталира нова опрема, предупредувајќи дека не само стариот радар, туку и софтверот и останатата опрема ќе почнат да откажуваат (Фото:СДК.МК)

    Се расипа единствениот исправен радар во Контролата на летање во Македонската навигација (М-НАВ) на Скопскиот аеродром, со што од вчераутро контролорите не можат да ги гледаат авионите на мала висина, кога слетуваат. Од двата радара, едниот врз Контролната кула, другиот во нејзина непосредна близина, во функција бил само вториот, кој сега се расипа.

    Додека не се отстрани дефектот, односно додека не стигне делот од Италија, ќе мора контролорите да ги слетуваат авионите еден по еден. Ако се погоди истовремено и друг, трет авион за слетување, ќе мора да кружат малку на небо, додека не слета тој пред нив.

    Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди директорот на М-НАВ Владимир Ристески, кој кажа дека работата ќе си се одвива како и досега, само со побавно темпо и оти најважно е што нема никаков безбедносен ризик со слетувањето и со полетувањето на авионите на Скопскиот аеродром.

    „М-НАВ располага со 3 радарски глави. Една покрај Охридскиот аеродром и 2 на Скопскиот аеродром. Едната на Скопскиот аеродром е во моментов со технички квар кој е детектиран и се работи на негово отклонување. Ваквите технички кварови од електронска природа се нормални појави во авијација и кога се случуваат има предвидено соодветни безбдносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авио-компаниите во такви околности. М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов НЕМА НИКАКВО БЕЗБЕДНОСНО ВЛИЈАНИЕ врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на 1 час. Овие регулации ќе останат на сила се до отклонување на кварот на радарската глава. М-НАВ вонредно ги ангажира своите стручни лица со цел што побрзо враќање на радарската глава Алениа – Бањски Рид во употреба“, вели претседателот на УО на М-НАВ Владимир Ристески.

    За разлика од Ристески, во М-НАВ велат дека за контролирање на авионите во големите височини, контролорите се служат со грчки и бугарски радар.

    Контролорите на летање летово се заканија со штрајк ако не се инсталира нова опрема, предупредувајќи дека не само стариот радар, туку и софтверот и останатата опрема ќе почнат да откажуваат. Откако добија уверување од новиот менаџмент дека новата опрема ќе се инсталира, контролорите претставени од Синдикатот на контролори на летање, го ставија штрајкот во мирување.

    Не поминаа три месеци, откажа единствениот исправен радар од двата на Скопскиот аеродром.

    Директорот Ристески вели дека тој договор со Синдикатот останува, но се чека сезоната на густи прелети да заврши целосно.

    „Како што се договоривме со Синдикатот, ќе се одбере тајминг кога бројот на прелети, слетувања, полетувања ќе опадне, т.е. зимно време и опремата ќе се инсталира. Тоа не е проста операција од денеска за утре, туку нешто многу сложено. Точно е, има нова опрема, не ја инсталирале претходниците со години, но факт е и тоа дека добавувачот од Италија доцнел и не бил докрај принципиелен и по пеналите што ги платил за доцнењето“, рече Ристески.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира