Пред да влезе судијката Васка Николовска-Масевска утринава на судењето за „Рекет“, првообвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 ја колнеше обвинителката Вилма Русковска зашто не дава позитивно мислење да биде пуштен од Шутка, во куќен притвор.
Првин тивко, додека ја облекуваше тогата обвинителката Вилма Русковска, Јовановски ` зборуваше за најнов медицински извештај за неговото здравје. Зборуваше за наод кај него, за малигнозна состојба.
Во еден момент Боки 13 викна: „Што се смееш на малигнозна состојба? Господ нека ти врати! Вршиш тортура врз мене и тоа сите го гледаат!“, по што реагираа судската и затворската полиција. Кратко го изнесоа, па го вратија назад, кога влезе судијката Николовска-Масевска со членовите на советот.
Потоа адвокатката, која го менуваше неговиот отсутен главен адвокат Сашо Дуковски, побара да се одложи судењето бидејќи надвор од медицинскиот извештај за малигнозна состојба на желудникот, таа кажа дека Јовановски повраќал цела ноќ и не се чувствува добро.
Судијката кажа дека опцијата што таа ја има е да повика Брза помош за да утврди дали е способен да го следи денешниот судски процес, бидејќи утринава го прегледал затворскиот лекар и тој констатирал дека е способен да го следи денешното судење.
„Не, благодарам, ќе седам. Не викајте Брза помош. Јас сум со рак на желудник, треба да одам на операција. Екипата на Брза помош ќе дојде, пак ќе ми стави дијазепам и јас полусвесен ќе го следам судењето. Не, благодарам судија!“, рече Јовановски.
Судењето продолжува со прикажување на приватните видеоснимки на Орце Камчев за давање пари на Јовановски да го ослободи преку Катица Јанева од „Империја“.
С. К. ДЕЛЕВСКА