Во службите за Итна помош во внатрешноста од земјава, во помали места немало ампули за болка, амбулантата во Шуто Оризари не работела оти немала персонал, од пациентите се наплатувале трошоците за превоз. Ова се дел од прекршоците кои ги открила контролата на Фондот за здравство (ФЗО) направена во текот на изминатите 11 месеци годинава, при посетата на Службите за итна помош и домашна нега.
Биле спроведени 37 контроли, од нив осум во Скопје и 29 во внатрешноста на земјава. Притоа, биле констатирани уредни наоди во 23 здравствени установи, шест во Скопје и 17 во другите градови. Наспроти тоа, неправилности биле пронајдени во 14 здравствени установи, две во Скопје и 12 во другите места.
„Овие податоци ги доставуваме до Државниот завод за ревизија (ДЗР), до Министерството за здравство, Министерството за финансии. Проблемот е што нема реакции потоа, по оваа наша контрола“, кажа директорот на ФЗО Сашо Клековски на денешната прес-конференција.
Фондот спроведе контроли и во вкупно 26 јавни здравствени установи (ЈЗУ), од кои 12 во Скопје и 14 надвор од Скопје. Во некои болници кои биле во долгови, директорите без правно покритие си го зголемиле платите за 10 отсто. При контролите на јавните здравствени установи констатирано е дека се исплатувале надоместоци за сменска работа и дежурства, прекувремена работа повеќе од 32 часа, што не било правно покриено. Директорот Клековски кажа дека во овие дејствија имало елементи на кривични дела.
Утврдени се следниве неправилности: Пресметка на часови за дежурство – 11 ЈЗУ, Комбинирање на додаток за сменска работа и дежурство – 4 ЈЗУ, Прекувремена работа над 32 часа месечно – 2 ЈЗУ, Недоставени побарани податоци (книга за дежурства, дополнителна дејност) – 8 ЈЗУ, Исплата на награда/бонус (10 %) – 2 ЈЗУ, Други неправилности – 4 ЈЗУ.
За сите констатирани неправилности, здравствените институции добиле рок од два месеца да ги отстранат. Клековски најави дека во наредниот период ќе објавуваат други податоци од нивните контроли извршени во здравствените институции.
П. ПЕЧКОВ



