Обвинителката Валентина Бислимовска од Обвинителството за организиран криминал го смени обвинението против премиерот Зоран Заев во предметот „Поткуп“, па место за примање поткуп од 164.000 евра, го преиначи во обвинение за дадено ветување дека ќе прими награда за службено дејствие кое морал секако да го исполни како градоначалник на Струмица.
Разликата е што со првата варијанта казната беше најмалку 5 години, а со изменетата, една до 5 години затвор. Обвинителката констатираше дека од доказите, а особено од исказот на бизнисменот и сведок Иван Николов, Заев не зел ни евро поткуп.
Таа не беше задоволна ни од тврдењата на сведокот, за кои рече биле различни во најмалку три прилики. Другото останува исто.
Според Бислимовска, Заев како градоначалник барал евро за црквата, евро за себе, насочувајќи го Николов вториот дел од наградата да го однесе во менувачницата на брат му Вице Заев. Поткупот, односно наградата, Заев ја барал за приватизација на градежно земјиште од 5 парцели, за која бил заинтересиран и Иван Николов и за што во општината веќе била отворена постапка.
Муабетот за дополнителните пари што требало да ги уплати Николов, била по евро од метар квадратен од вкупната површина на земјиштето што барал да го приватизира. На прашање на судијата, обвинителката рече дека обвинителниот акт го преиначува во обвинителен предлог. Заев побара пауза да го прочита.
С. К. ДЕЛЕВСКА