Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и на ексдиректорот на Лотарија Прпарим Бајрами, кадар на ДУИ, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело Проневера во службата од член 354 од КЗ, проневериле 8,2 милиони евра државни пари. Во соопштението, ОЈО Скопје не наведува дека засега Груби или кој било од осумтемина осомничени е уапсен.
Попладнево на прес-конференцијата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го повика Груби да дојде од приватниот пат во Косово, ветувајќи му правда и лична безбедност, а дека постапката ќе биде согласно законите. Тој кажа и дека кривична пријава е поднесена и против поранешен премиер и генерален секретар.
„Десет минути пред да пристигне полицијата тој добил информација и побегнал. Тоа е катастрофално и за тоа мора некој да одговара“, рече Тошковски.
Веќе извесно време не е во земјава и Прпарим Бајрами, постојат сомнежи дека е во Косово.
За уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик. Тие се членови на комисија за јавни набавки на „Лотарија“.
Врз основа на кривични пријави од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Управата за финансиска полиција, била спроведена предистражна постапка во рамките на која биле преземени повеќе дејствија, а утрово, врз основа на судски наредби, биле извршени претреси на девет локации во Скопје и во Кумановско, со цел обезбедување докази за потребите на постапката. Претресите ги вршеле припадници на МВР, под раководство на надлежни јавни обвинители.
Груби ја држел седницата во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ на Република Северна Македонија и донел одлуки место управниот и надзорниот одбор на „Лотарија“.
„Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа ‘Државна лотарија’ на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво. Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – Генерален директор на ‘Државна лотарија’, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа ‘Државна лотарија на Република Северна Македонија’“, соопшти без многу детали Скопското обвинителство.
Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повика, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови.
Обвинителството за подоцна најави попрецизни информации и опис на кривичните дела на осомничените.
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби минатата недела беше ставен на „црната листа“ на САД поради наводи за значителна корупција.
С. К. ДЕЛЕВСКА