Две години жителите во зграда на булевар Јане Сандански во скопски Аеродром живеат во страв дека ќе се запали, поради несоодветно изградена вентилација на ќебапчилница која се наоѓа во деловен објект во приземјето. Тие се плашат и дека зградата ќе се дигне во воздух поради користење плински боци за готвење храна.
Пријавуваат кај сите надлежни институции, но никој не реагира. По двегодишни преписки со сите можни институции и пријавувања по медиуми, велат дека сега помош ќе бараат од Делегацијата на Европската унија во Скопје и амбасадите на САД и Германија.
Проблемот го пријавија преку алатката на САКАМДАКАЖАМ.МК, Пријави корупција доставувајќи ни ги пријавите што две години ги поднесувале во Општина Аеродром, Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и Пазарната инспекција. Велат дека се чувствуваат беспомошни, џабе се обраќаат до институциите, понесуваат кривични пријави, ама никој не реагира.
„Зградата нема систем за вентилација и лошо изведениот вентилациски отвор е причина и за ширење на неподнослива миризба и чад во становите, која го оневозможува нормалното живеење и користење на сопствените посебни единици на станарите, за кои проветрувањето на воздухот или пиењето кафе на тераса е незамисливо, а дел трпат и економски последици бидејќи ниту еден потстанар не се задржува во станот. Не ни е јасно како инспекторот за животна средина во Општината и градоначалникот дале дозвола за отварање на ќебапчилница во зграда, а при тоа да нема оџак. Дали во елаборатот за животна средина се направени некои мерења со кои ќе се потврди дека нема загадување на воздухот кој го дишеме ние дома?“, велат станарите во пријавата до нашата редакција.
Дополнително, велат дека ќебапчилницата поставила урбана опрема која е нелегално поставена и за која има решение за отстранување од Град Скопје. Но, од Градот им рекле дека не можат да уриваат, туку тоа треба да го стори Општината.
Тие велат дека градежниот инспектор на Општина Аеродром не реагира и ќебапчилницата си работи без престан.
В. д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески ни изјави дека Општината во неколку наврати извршила инспекции за посочената локација по пријави на граѓани. Било констатирано дека се исполнети сите услови за работа. Тој ни достави и документи од записниците на инспекторите во Општината, во кои се наведува дека не се регистрирани нерегуларности.
„Во однос на летната тераса, Град Скопје најпрво му издал решение, односно го одобрил елаборатот за летна тераса на објектот, а потоа го повлекол. Воден е судски спор пред Управен суд, кој сопственикот на објектот го добил“, додава Митески.
Станарите велат дека „станува збор за угостителски објект во кој се готви храна и треба да се исполнат посебни законски услови и мерки за безбедност и противпожарна заштита, како и посебни канали за вентилација и одвод на заситени издувни гасови“.
Тие велат дека после трагедијата во Кочани, кога изгоре нелегална дискотека и однесе 62 животи, не можат мирно да спијат од страв од можен пожар и не се сигурни дека ќебапчилницата ги има сите елаборати за адаптација на просторот.
„Неопходен е проект за пренамена или адаптација на просторот, а пред сè елаборат за противпожарна заштита, елаборат за заштита на животната средина и вентилација на просторот. Не може венталацијата да биде со цевки кои одат преку подрумските простории со некакви филтри кои не сопираат ништо, во зградата нема оџак, ниту пак сопствениците на посебни делови дале согласност за оџак. Дополнително, на фасадата на зградата кој е заеднички елемент на зградата и за која пренамена треба согласност од мнозинство на сопственици, а во овој случај ја нема согласноста, има направено незаконски отвор за вентилација преку кој издувните гасови од скарата директно влегуват во становите на јужната и северната страна. Иако е реагирано до градежната инспекција на Општина Аеродром, нема резултат“, велат станарите.
Граѓаните, немајќи друг излез, почнуваат акција за печатење флаери кои ќе ги делат во сите државни институции, но и ќе ги достават до канцеларијата на ЕУ, како и амбасадите на САД и Германија во земјава, за да алармираат и покажат дека ниту една институција во државата не функционира и граѓаните се оставени да живеат во страв.
А. АНТЕВСКА