Сообраќајните камери кои се во тест период регистрирале по 100.000 сообраќајни прекршоци дневно на само неколку локации каде што се снима. Пресметано на месечно ниво тоа се 3 милиони сообраќајни прекршоци, според неофицијалните податоци до кои дојде САКАМДАКАЖАМ.МК.
Камерите ги регистрираат прекршоците за брзо возење, погрешно престројување и поминување на црвено светло на семафор.
Во тест периодот, пред системот да почне официјално да функционира од 1 јануари 2026 со што ќе почне и казнувањето, камерите го следат сообраќајот на територијата на цело Скопје, Тетово и на автопатите Скопје-Гевгелија и Скопје-Тетово. Системот се пушта сукцесивно и ќе ја покрива целата држава.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека системот е во тест фаза и затоа не сакаат уште да излегуваат со точни податоци, затоа што се нецелосни. Но, потврдуваат дека бројките на прекршоци што ги регистрираат камерите се застрашувачки.
Во 2024, во сообраќајни несреќи загинале 142 лица.
Од МВР укажуваат дека искуствата од други земји покажуваат оти кога се ставиле во функција камерите, во рок од 6 месеци драстично опаднал бројот на сообраќајни прекршоци откако граѓаните се увериле дека државата сериозно казнува.
На 28 август, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека казна затвор и трајно одземање на колите се дел од казните за прекршоците регистрирани со камерите, предвидени со измените на Законот за безбедност во сообраќајот кој е во собраниска процедура. Тој најави дека во наредните месеци ќе се стават во собраниска процедура уште пет-шест закони.
„Целта не е да се казнуваат граѓаните туку да се спаси барем еден човечки живот. Оној кој седнува зад волан без возачка дозвола, под дејство на алкохол или под дејство на психотропни супстанци, или вози 90 километри на час над дозволеното, тој не заслужува да поседува возачка дозвола и не треба да биде дел од сообраќајот. Ќе ги заостриме казните особено во рамките на Кривичниот законик, па освен парична казна ќе се изрекува и казна затвор и трајно одземање на возилата со кои се сторени кривичните дела“, рече тогаш Тошковски.
Системот „Безбеден град“ е замислено да функционира во цела држава, но за почеток ќе почне со имплементација во Скопје, Тетово и Куманово. Тошковски на 28 август рече дека се надева оти од 1 јануари камерите ќе функционираат и на Коридор 8 и Коридор 10, а до средината на 2026 да биде покриена целата територија на земјава.
Б. НЕСТОРОСКА