Потрагата по уште пари од сомнително потекло и докази против осомничениот апелационен судија Ѓоко Ристов продолжува и ноќва, според официјалните изјави од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК). Но МВР и Обвинителството не кажуваат дали е тука судијата Ристов, кај чии родители во Неготино денеска во ѕид од домот беа пронајдени соѕидани 350.000 евра. Овие пари му се без покритие, кажа истрагата.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал доцна вечерва одговорија дека „деновиве јавниот обвинител ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот“.
САКАМДАКАЖАМ.МК од неофицијални извори дознава дека истражителите прво извршиле претрес во станот на судијата Ристов во Скопје пред околу две недели, но тогаш не нашле ништо сомнително. Пред една недела тој на работа во Апелациониот суд Скопје им кажал дека е болен и оти ќе замине на боледување. Оттогаш колегите не го виделе. Мобилен телефон престанал да користи од пред месец и неколку дена, откако се отвори истрагата против адвокатот Фехми Стафа за подмитување судија во Скопска апелација односно на Ѓоко Ристов.
Фехми Стафа е поранешен Државен правобранител на Македонија. Колешка му е сопругата на Ристов, која работи во Државното правобранителство. Според истрагата од 14 декември, Стафа му дал поткуп на Ристов во име на обвинетиот бизнисмен Љупчо Пецов викан Ѓаволот, кој до неодамна беше во бегство.
„Во рамките на опсежна истрага на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија од Апелацискиот суд во Скопје, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание“, кажа Обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА



