Суперкупот на УЕФА меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на 8 август во Скопје ги наполни хотелите и неколкукратно ги дигна цените за ноќевање во август. Во периодот од седми до деветти август 93% од хотелите, или 86% од вкупниот сместувачки капацитет во градот се полни, а во истиот период во јули, резервирани се само 30% од капацитетите.
Во понудата на онлајн сервисот за резервирање „Букинг“, најголем дел од хотелите се распродадени. Само мал дел од нив пријавуваат уште по една или две слободни соби. Најскапата понуда во моментов е 3.000 евра за соба за двајца за две ноќевања. Во цената е вклучен само појадок. Шест хотели нудат ноќевање за цена меѓу 2.000 и 3.000 евра за две ноќи за двајца, а дури во девет хотели за истиот период туристите треба да платат меѓу 1.000 и 2.000 евра.
Хотелите во централното градско подрачје нудат ноќевање за двајца за 2.850 евра, 2.340 евра или 1.891 евра.
Хотелот, кој што сега нуди најскапа соба од 7 до 9 август, за истиот период во јули, пак, собите ги продава за 219 евра. Понудата, за која во август треба да се плати 1.851 евра, во јули чини 144 евра.
Скопје на осми август да биде домаќин на двете најдобри европски екипи, победници во Лигата на шампиони и Лига на европа од минатата сезона. Завчера во Скопје беа претставниците на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, Емилио Бутрагењо и Луј Саа, кои одржаа заедничка прес-конференција со Фудбалската федерација на Македонија. Истиот ден беа пуштени во продажба картите за натпреварот. Капацитетот на „Филип Втори“ е 34.000.