ТРАМП ПРЕЖИВЕА АТЕНТАТ, УБИЕН 20-ГОДИШНИОТ АТЕНТАТОР, ЕДНО ЛИЦЕ ЗАГИНА, А ДВАЈЦА СЕ ТЕШКО ПОВРЕДЕНИ НА МИТИНГОТ ВО ПЕНСИЛВАНИЈА

    ТРАМП ПРЕЖИВЕА АТЕНТАТ, УБИЕН 20-ГОДИШНИОТ АТЕНТАТОР, ЕДНО ЛИЦЕ ЗАГИНА, А ДВАЈЦА СЕ ТЕШКО ПОВРЕДЕНИ НА МИТИНГОТ ВО ПЕНСИЛВАНИЈАКампањата на Трамп соопшти дека тој е добро по пукањето, и рече дека куршум му го пронижал горниот дел од десното уво. (Фото: АП)

    Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп вчера беше цел на обид за атентат на митинг во Пенсилванија, неколку дена пред да ја прифати републиканската номинација за претседателски кандидат по третпат. Низа пукање предизвика паника, а раскрвавениот Трамп, кој рече дека бил застрелан во увото, беше опкружен од Тајната служба и евакуиран кон неговиот џип кревајќи ја тупаницата во знак на пркос. Тајната служба соопшти дека го убила осомничениот стрелец, кој нападнал од повишена позиција пред местото на собирот на фарма во Батлер, Пенсилванија, и рече дека Трамп е безбеден.

    Еден од присутните загина, а двајца гледачи се тешко повредени, соопштија властите. Сите беа идентификувани како мажи.

    Кампањата на Трамп соопшти дека тој е добро по пукањето, и рече дека куршум му го пронижал горниот дел од десното уво.

    „Веднаш знаев дека нешто не е во ред со тоа што слушнав свирење, истрели и веднаш почувствував како куршумот се зари низ кожата. Имаше многу крварење“, напиша тој на својата социјална мрежа.

    ФБИ утрово го именуваше Томас Метју Крукс (20) од Бетел Парк, Пенсилванија, како субјект вклучен во обидот за атентат. Крукс, бил регистриран како републиканец, според избирачкиот список на државата, но федералните извештаи за финансирање на кампањи исто така покажуваат дека тој дал 15 долари на комитет за прогресивна политичка акција на 20 јануари 2021, денот кога претседателот Џо Бајден положи заклетва на функцијата. Бетел Парк е претежно бел, релативно добро ситуиран град во јужниот дел на пошироката околина на Питсбург. Местото на митингот, Батлер, е околу еден час возење северно од Питсбург.

    ФБИ соопшти дека истрагата останува активна и во тек. Сè уште не е идентификуван мотивот за обидот за атентат.

    Нападот беше најсериозниот обид за атентат на претседател или претседателски кандидат откако беше застрелан Роналд Реган во 1981 година. Тоа ја зголеми загриженоста за политичкото насилство во длабоко поларизираните САД на помалку од четири месеци пред претседателските избори. И тоа може да ја смени безбедносната положба на Републиканската национална конвенција, која ќе започне утре во Милвоки. Организаторите рекоа дека конвенцијата ќе продолжи според планираното.

    Трамп замина за Њу Џерси по посетата на локалната болница во Пенсилванија, а слета нешто по полноќ на меѓународниот аеродром Њуарк Либерти. На видеото објавено од негов помошник се гледа како поранешниот претседател го симнува својот приватен авион, опкружен со агенти на американската тајна служба и тешко вооружени членови на тимот за контранапад на агенцијата – невообичаено видливо демонстрација на сила во неговото обезбедување.

    Претседателот Џо Бајден, кој се кандидира против Трамп, бил информиран за инцидентот и разговарал со Трамп неколку часа по пукањето, соопшти Белата куќа.

    „Информиран сум за пукањето на митингот на Доналд Трамп во Пенсилванија. Благодарен сум што тој е безбеден и се чувствува добро. Се молам за него и неговото семејство и за сите оние кои беа на митингот, додека чекаме натамошни информации. Џил и јас сме благодарни на Тајната служба што го одведоа на безбедно. Нема место за вакво насилство во Америка. Мора да се обединиме како еден народ за да го осудиме. Болно е, болно е“, изјави Бајден.

    Бајден планираше рано да се врати во Вашингтон, скратувајќи го викендот во неговата куќа на плажа во Рехобот Бич, Делавер.

    Обидот за атентат и насилството беше осуден и од американскиот политички врв, како и од лидерите на бројни земји во светот.

    Многу републиканци брзо ги обвинија за насилството Бајден и неговите сојузници, тврдејќи дека постојаните напади врз Трамп како закана за демократијата создадоа токсична средина. Тие особено укажаа на коментарот што Бајден им го даде на донаторите на 8 јули, велејќи дека „време е да се стави Трамп на мета“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира