УАПСЕНИОТ ДИРЕКТОР НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО АНАКИЕВ ПРЕКУ ШПЕДИТЕР БАРАЛ 100.000 ЕВРА ОД ФИРМА ЗА ДА Ѝ ПРОЈДЕ СТОКАТА НА ЦАРИНА

    УАПСЕНИОТ ДИРЕКТОР НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО АНАКИЕВ ПРЕКУ ШПЕДИТЕР БАРАЛ 100.000 ЕВРА ОД ФИРМА ЗА ДА Ѝ ПРОЈДЕ СТОКАТА НА ЦАРИНАСо цел увозот да се изврши непречено, на оштетеното лице му биле побарани 100.000 евра, кои требало да ги предаде во три наврати (Фото: ДИЗ)

    Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) Васе Анакиев барал поткуп од 100.000 евра од фирма за да може да увезе стока која има забрана за влез. Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, Анакиев во својство на службено лице, директор на ДИЗ, со цел стекнување на противправна имотна корист, од сопственик на правен субјект кој се занимава со увоз, индиректно преку лице шпедитер, побарал поткуп во износ од 100.000 евра за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.

    „На оштетеното лице му било образложено дека за стоката што ја увезува има забрана за влез и дека истата треба да се врати бидејќи не е во согласност со важечките законски прописи и дека претходно од страна на Државниот инспекторат за земјоделство бил изготвен записник. Со цел увозот да се изврши непречено, на оштетеното лице му биле побарани 100.000 евра, што требало да ги предаде во три наврати, и тоа во еден наврат износ од 50.000 евра и во два наврати по 25.000 евра“, соопштија од МВР.

    На 19 март било извршено примопредавање на 50.000 евра како прва рата од побараниот поткуп, при што истите од оштетеното лице ги презел шпедитерот, со цел подоцна да му ги предаде на Анакиев. По земањето на парите од страна на Анакиев, како што велат од МВР, преземени се оперативно-тактички мерки и активности и врз основа на издадени наредби, извршен е преглед на лице, превозно средство и багаж. При прегледот на патничко моторно возило, парите се пронајдени под совозачкото седиште и одземени.

    Основното јавно обвинителство против Анакиев поднесе кривична пријава поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по чл. 357 од КЗ. Основниот кривичен суд Скопје вчера му одреди мерка притвор од 30 дена.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира