Додека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од здравствени причини отсуствува од јавноста бидејќи мора да мирува по оперативен зафат, два табора во МВР, но и во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, се во битка меѓу себе кој да го наследи министерот.
Извори од МВР велат дека едниот табор го поддржувал директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев од Струмица, кој е во Министерството од времето на покојниот претседател Борис Трајковски. Јанев почнал од нула, но речиси целата кариера бил на раководни места. Тој важи за близок до премиерот Христијан Мицкоски.
Другиот табор е околу Сашо Топаловски, кој од февруари 2024 година е началник на СВР Скопје. Тoпаловски викан „Топалот“ има над 21 година професионално работно искуство во МВР, работел од советник за статистички истражувања, преку инспектор во одделот за Недозволена трговија и шверц и инспектор во Единица за недозволена трговија со дрога и оружје СВР Скопје, инспектирал имотни деликти, работел и во Куманово, во Чаир…, па се до Шеста управа на МВР.
Шпекулациите за заминувањето на Тошковски од МВР почнаа откако тој се повлече од јавноста од здравствени причини за чие отстранување се барало несложена операција, но со строго пропишано мирување и недвижење. Неофицијално, тој двапати отишол на работа спротивно на лекарските препораки, па завршил на КАРИЛ.
Не се ни знае со сигурност дали навистина ќе ротира Тошковски во Министерството за правда, односно дека ќе си замине од МВР. Тој е таму од јануари 2024 година, од техничката Влада пред парламентарните избори, како технички министер.
Од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, велат дека ротации и министерски смени во Владата најверојатно ќе има во првото тромесечие на 2026 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА



