НЕ МОРА ДА ОДАТ В ЗАТВОР ЗАТАЈУВАЧИТЕ НА ДАНОК И ТИЕ ШТО ПЕРЕЛЕ ПАРИ, ВАЖНО Е ДА ИМ СЕ СОБЕРЕ СÈ ШТО УКРАЛЕ И ДА ПЛАТАТ КАЗНИ, ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ

    НЕ МОРА ДА ОДАТ В ЗАТВОР ЗАТАЈУВАЧИТЕ НА ДАНОК И ТИЕ ШТО ПЕРЕЛЕ ПАРИ, ВАЖНО Е ДА ИМ СЕ СОБЕРЕ СÈ ШТО УКРАЛЕ И ДА ПЛАТАТ КАЗНИ, ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕСо условни казни за даночно затајување, а со високи парични казни и враќање на украденото, јасно му се става до знаење како на обвинетиот, така и на сите потенцијални сторители дека криминалот не се исплати, смета професорката по кривично право Александра Груевска-Дракулевски; - Кривичен суд Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Уште нестивнати реакциите за благите казни во предметот „Империја“, каде Буџетот со перење пари од осудените беше оштетен за 40-ина милиони евра, јавноста се разбранува за предложените условни казни за дел од обвинетите кои затаиле 8 милиони евра данок во предметот „Синџир“.

    Прашањата се, како е можно за кражби да се добиваат неколкугодишни затворски казни, а за даночно затајување и за перење пари од што државата има штета во милионски суми евра, да се предлагаат само условни казни? Секако, и дали пораката што ја праќаат обвинителите и судиите е пери пари, затајувај данок, богати се, нема да одговараш?

    Дилемите се и во кој правец тераат обвинителите и судиите и каква е праксата во светот.

    Исто како и во предметот „Империја“, каде главни обвинети (и сега веќе излезени од затвор) беа Сашо Мијалков, Јордан Камчев, Ненад Јосифовиќ и Зоран Милески-Кичеец кои признаа вина и се спогодија, така и во големиот предмет „Синџир“ дел од обвинетите со спогодба признале вина.

    За разлика од „Империја“, каде се уште се враќаат испраните пари, односно се продава запленетиот нелегален имот, дел од обвинетите во „Синџир“ тоа го сториле уште во истрагата, враќајќи веднаш милион евра во Буџетот. Додатно, платиле и казни и обесштетување на Буџетот. За нив судија на претходна постапка предлага условни казни, судењето за сите 32 обвинети допрва почнува, првото рочиште од 25 јуни е презакажно на 8 јули.

    За ваквиот тренд на благи казни за даночно затајување, наспроти кривичните дела со помала причинета штета за кои се добиваат строги затворски казни, САКАМДАКАЖАМ.МК побара експертско мислење од професорката по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Александра Груевска-Дракулевски.

    Таа се согласува дека генерално, казнената политика на судовите во нашата држава е блага, но вели дека тоа не значи оти таквата казнена политика не ја остварува целта на казнувањето која согласно одредбите од Кривичниот законик е остварување на правдата, спречување на сторителот да врши кривични дела и негово превоспитување и воспитно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела.

    Вели дека деталите за конкретниот предмет „Синџир“ не ги знае и не може да ги коментира, ниту пак обвиненијата или веќе донесените пресуди кои сè уште не се правосилни.

    „Спогодувањето за видот и висината на кривичната санкција, уредено со Законот за кривичната постапка, ги дава очекуваните ефекти на забрзување на кривичната постапка, која треба да биде брза, ефикасна фер постапка. Со самиот факт што едно лице признава вина, тоа е веќе јасен сигнал дека целта на казнувањето може да се оствари и само со предупредување со закана на казна, односно со условна осуда како алтернативна мерка. Притоа, мора да се напомене дека кај условната осуда на лицето му се утврдува казната и истовремено се определува време за проверување во кое време сторителот не смее да стори ново кривично дело, бидејќи во спротивно судот може да ја отповика условната осуда и да се ефектуира утврдената казна. Што значи, лицето не смее во тоа време на проверување да стори ново кривично дело, односно ќе биде под притисок да ги почитува законите што претставува успешно поправање на тоа лице“, смета професорката Груевска-Дракулевски.

    Нејзиното мислење не се разликува многу од тоа на судиите и обвинителите во постапките, па нагласува дека за овие кривични дела, дали биле од помала, од поголема вредност, важно е дали сторителот погрешил за првпат, или е повратник.

    „При одмерувањето на казната, секако голема улога имаат сите околности што влијаат казната да биде помала или поголема (олеснувачки и отежнувачки околности), а особено и фактот дали станува збор за првопрестапник или повторник. Понатаму, значајно е надоместувањето на штетата, висината на изречената парична казна која лицето ќе мора да ја плати и слично. Со ова јасно се става до знаење и на лицето, но и на сите потенцијални сторители дека ‘криминалот не се исплати’, што делува дестимулативно во насока на неутрализирање или смалување на лукративните мотиви (намера, побуди)“, вели Груевска-Дракулевски.

    Најновиот предмет со даночно затајување од 8 милиони евра ќе се одржува во специјалната судница во затворот „Идризово“, бидејќи има 32 обвинети. Во ОЈО за организиран криминал тече и друга голема истрага за даночно затајување и перење пари, за која исто така пред неколку месеци имаше големи апсења.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира