Владата на денешната седница донесе одлука цената на осигурувањето од автоодговорност да се врати на ниво од пред 25 април 2024 година.
На 25 април, цената на полисата за задолжителното авто осигурување поскапе за 15,44 отсто за возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 до 1.600 денари, во зависност од моќноста на возилото.
„Усвоените измени и дополнувања од страна на Владата, се по предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии и со нив се утврдува опсег од 15% до 30%, во којшто друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност. За износ на трошоците над 30%, предвидено е, друштвата за осигурување, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Денешната одлука на Владата значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година”, се вели во владиното соопштение.
Од Националното биро за осигурување (НБО) велат дека поскапувањето на цената на полисата за задолжителното авто осигурување за 15 отсто се должи на актуелните пазарни услови, или поконкретно: континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, порастот на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациона тенденција.
Истовремено, велат од НБО, цената за осигурување од автомобилска одговорност не е променета веќе 15 години и е единствената категорија во Македонија која не претрпела зголемување на цена, додавајќи дека цената на осигурување од автоодговорност во Македонија е најниска во регионот.