Мажите се соочуваат со повисок ризик од самоубиство во споредба со жените, а многумина избегнуваат да побараат помош поради стигма, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) одбележувајќи го почетокот на Мовембер, месецот посветен на машко здравје.
Според податоците од Државниот завод за статистика, минатата година во Македонија беа регистрирани 89 самоубиства – 68 мажи и 21 жена.
Мовембер (Movember) е меѓународно движење што се одвива секоја година во текот на ноември, со цел да се подигне свеста за здравствените проблеми на мажите, вклучувајќи рак на простата, рак на тестисите, ментално здравје и превенција од самоубиство. Името Мовембер е комбинација од англиските зборови moustache (мустаќи) и November (ноември), а растењето мустаќи е препознатлив симбол на кампањата. Ова движење не само што промовира здравје, туку и создава глобална заедница што ги охрабрува мажите да зборуваат за своите проблеми и да преземат проактивен пристап кон своето физичко и ментално благосостојба.
Мовембер започнал во 2003 во Мелбурн, Австралија, кога група пријатели, познати како „Оригиналните 30“, одлучиле да пуштаат мустаќи во ноември за да го привлечат вниманието кон здравјето на мажите. Идејата била едноставна, но моќна: мустаќите станаа визуелен поттик за разговори за теми што често се занемаруваат. Од скромните почетоци, Мовембер прерасна во глобална иницијатива, поддржана од милиони учесници во повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги САД, Канада, Велика Британија, Австралија, Македонија и многу европски држави. Движењето е организирано од фондацијата „Movember“, непрофитна организација што финансира програми за истражување и поддршка на здравјето на мажите.
Преку настани, собирање донации и едукативни кампањи, Мовембер има собрано стотици милиони долари, кои се инвестирани во над 1.250 проекти за здравјето на мажите низ светот.
Мовембер се фокусира на три клучни области на здравјето на мажите: рак на простата, рак на тестисти и ментално здравје и превенција од самоубиства.
Ракот на простата е еден од најчестите видови рак кај мажите, особено кај оние над 50 години. Ракот на тестисите иако е поретка форма на рак, тој главно ги погодува помладите мажи (на возраст од 15 до 35 години).
„Покрај овие цели, Мовембер се стреми да ги промени општествените норми што ги спречуваат мажите да зборуваат за своите проблеми. Кампањата ги охрабрува мажите да бидат отворени, да бараат поддршка и да водат поздрав живот. Мажите често избегнуваат лекарски прегледи или не зборуваат за своите здравствени проблеми поради културни очекувања дека треба да бидат ‘силни’ и ‘независни’. Ова може да доведе до доцна дијагноза на сериозни болести, како ракот на простата или тестисите. Мовембер ја користи симболиката на мустаќите за да иницира разговори и да ја разбие стигмата околу овие теми. Преку кампањите, мажите се едуцираат за важноста на редовните прегледи и превентивните мерки“, вели ИЈЗ.
Менталното здравје е една од најважните, но и најзанемарените области во здравјето на мажите. Според статистиките, мажите имаат три до четири пати поголема веројатност да извршат самоубиство во споредба со жените.
Според ИЈЗ, учеството во Мовембер е лесно и може да направи голема разлика:
- Пуштете мустаќи: Започнете го ноември со чисто избричено лице и пуштете мустаќи. Споделете ја вашата приказна на социјалните мрежи со хаштагот #Movember за да ги инспирирате другите.
 - Учествувајте во „Move for Movember“: Поставете си цел да бидете физички активни, на пример, да пешачите или трчате 60 километри во текот на месецот (во чест на 60-те мажи што го губат животот од самоубиство секој час).
 - Донирајте или собирајте средства: Регистрирајте се на movember.com и собирајте донации за да ги поддржите програмите на фондацијата.
 - Едуцирајте се и едуцирајте други: Информирајте се за здравјето на мажите и споделете ги информациите со вашето семејство, пријатели и колеги.
 - Организирајте настан: Организирајте локален настан, како забава или спортска активност, за да ја поддржите каузата.
 
„Оваа година ИЈЗ планира да го одбележи овој месец со различни активности во секоја недела од ноевмри. Имено институтот секоја недела ќе има активности поврзани со различна сфера од машкото здравје, со цел пошироко да ја кренеме свесноста за сите проблеми со кои мажите се соочуваат во текот на нивниот живот, а не само да се стави акцент на ракот на простата, како што обично се случува во светот. Па така покрај најчестите заболувња кои ги засегаат мажите, ќе зборуваме за менталното здравје на мажите, физичката активност, правилната исхрана и притисокот од општеството кое се нанесува на мажите“, велат од ИЈЗ.
Б. НЕСТОРОСКА

                                    
                                    

