ВОЗДУХОПЛОВНИТЕ ВЛАСТИ ИСПИТУВААТ ДАЛИ ЗА МАЛКУ БИЛ ИЗБЕГНАТ СУДИР НА ДВА АВИОНИ НА НЕБОТО НАД СКОПЈЕ НА 7 СЕПТЕМВРИ

    ВОЗДУХОПЛОВНИТЕ ВЛАСТИ ИСПИТУВААТ ДАЛИ ЗА МАЛКУ БИЛ ИЗБЕГНАТ СУДИР НА ДВА АВИОНИ НА НЕБОТО НАД СКОПЈЕ НА 7 СЕПТЕМВРИСпоред сајтот за следење летови Флајтрадар24, станува збор за авионот на „Туркиш ерлајнс“ на летот ТК1358 од Мадрид за Истанбул и авионот на „Санекспрес“ од Даламан за Лондон. (Фото: Принтскрин од Флајтрадар24)

    Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) потврди дека постапува по наводите дека за малку ќе се судреле два авиона на небото над Скопје на 7 септември.

    Како што објаснуваат воздухопловните власти, тие мора да постапат по ваквите наводи. Според процедурата, првично известува М-НАВ, кој што е задолжен за контролата на летање, а потоа и АЦВ испитува дали станува збор за инцидент или за сериозен инцидент. Ако е, не дај боже, сериозен инцидент, се вклучува и Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.

    Од Македонска навигација (М-НАВ) не беа достапни за коментар дали е покрената истрага за инцидент, дали и какви мерки се преземени.

    Според сајтот за следење летови Флајтрадар24, авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18.32 часот. Станува збор за авионот на „Туркиш ерлајнс“ на летот ТК1358 од Мадрид за Истанбул и авионот на „Санекспрес“ од турскиот крајбрежен аеродром Даламан за Лондон – Гетвик.

    Според Флајтрадар24, 30 секунди пред да се разминат двата авиона биле на иста висина од 36.000 стапки. Непосредно пред да се разминат, едниот се кренал на 36.325 стапки, а другиот се спуштил на 35.475 стапки. Според правилата на авиосообраќајот, меѓу авионите треба да има 2.000 стапки вертикална далечина.

    Нејасно е зошто двата авиона се нашле на иста висина во исто време, односно дали станува збор за инструкции на контролата за летање или е грешка на пилотот.

    Флајтрадар24 е глобална услуга за следење летови која обезбедува информации во реално време за илјадници авиони ширум светот.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира