Вработените од компаниите на Сеад Кочан, кој е во бегство откако Судот му одреди притвор, се обидоа да го блокираат еврокомесарот Јоханес Хан да излезе од зградата на Мисијата на ЕУ во Скопје.
За време на состанокот на Хан со амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар, дел од демонстрантите што ја блокираа раскрсницата со камиони на „Трансмет“, градежна компанија на Сеад Кочан, застанаа пред службениот автомобил со кој требаше да си замине Хан на средби во Собранието на Македонија. Меѓу демонстрантите беа и новинари на ТВ Нова, која, исто така, е во сопственост на Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ на СЈО за злоупотреба на тендер од 17 милиони евра.
Додека полицијата се натегаше со демонстрантите, Хан беше извлечен од задниот влез на Мисијата на ЕУ и со друго возило замина кон Собранието.