Генералниот секретаријат на Владата за 80.000 евра ќе ги носи своите административци на тридневни тим-билдинзи во Охрид, Берово и Струмица.
Во огласот објавен на веб-страницата за јавни набавки се бараат хотели со минимум четири ѕвездички, два полни пансиона за вработените и високотуристички автобуси за превоз од „Илинденска“ до хотелите. Собите ќе бидат еднокреветни. Проценетата вредност на јавната набавка е 5.000.000 денари.
Крајниот рок за пријавување на заинтересираните хотелиери и автобуски превозници е 4 март. Како критериум за избор на понудувачите е наведена најниската цена.
Тим-билдингот, според описот во повикот, е наменет за канцелариско работење, односи со јавноста и друго. Планирани се седум групи административци од Владиниот генерален секретаријат, секоја со по 15–25 слушатели.
С. К. ДЕЛЕВСКА



