ВРАТЕНИ ИЗБРИШАНИТЕ ОДРЕДБИ ОД КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК КОИ ГИ СПАСУВАА ФУНКЦИОНЕРИТЕ ОД КРАДЕЊЕ, НО СЕГА ИМ СЕ ДАВА МОЖНОСТ И ЗА УСЛОВНА КАЗНА

    ВРАТЕНИ ИЗБРИШАНИТЕ ОДРЕДБИ ОД КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК КОИ ГИ СПАСУВАА ФУНКЦИОНЕРИТЕ ОД КРАДЕЊЕ, НО СЕГА ИМ СЕ ДАВА МОЖНОСТ И ЗА УСЛОВНА КАЗНАВо измените од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, во член 353 став 5, никаде нема „најмалку 5 години затвор“, како порано. (Фото:СДК.МК)

    Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ предложија измени во Кривичниот законик со кои не ги враќаат во целост избришаните одредби за корупција (злоупотреба на службената положба и овластувањата, како и злосторничко здружување), ставаат поблаги казни, но сепак се става ред во казните за овие дела.

    Порано, кај членот 353, став 5, имаше најмалку 5 години затвор и не застаруваше или тешко застаруваше ова кривично дело. Сега се предлага од 4 до 10 години, со што не само што добива побрз рок за застарување, туку и неосудувани функционери можат да се извлечат и со условни казни.

    Ова се ад хок измени кои Собранието мора да ги донесе до крајот на годинава, според насоките од Уставниот суд, а уште од 2023 година на платформата ЕНЕР стои готов нов Кривичен законик изготвуван 7 години од врвни експерти под покровителство на ОБСЕ, со сите европски директиви вградени во него. Но, ниту претходната, ниту оваа власт го носат, изгласуваат.

    Таму прецизно се наведени кривичните дела за корупција кај службените лица, функционерите, а не како сега со остварување на „значителна имотна корист“ и без точни наведени кривични дела.

    Членот 353 се менува и гласи:

    „(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква имотна корист или на друг ќе предизвика штета или потешко ќе ги повреди правата на друг, ако не се исполнети законските обележја на друго потешко кривично дело, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

    (2) Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член прибави поголема имотна корист или нанесе поголема штета, ќе се казни со затвор од една до пет години.

    (3) Ако сторителот на делото од ставот (1) на овој член прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, ќе се казни со затвор од една до осум години.

    (4) Со казната од ставовите (1), (2) и (3) на овој член ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице во странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Северна Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на законско овластување или должност.

    (5) Службено лице или одговорно лице кое спротивно на закон, набави стоки, услуги или работи без да спроведе постапка за јавна набавка во случаите кога било должно да ја спроведе или направи измени на договорот за јавна набавка или рамковната спогодба за време на нивната важност спротивно на закон над законски утврдениот вредносен праг, ќе се казни со затвор од една до осум години, а доколку со делото од овој став е прибавена имотна корист од големи размери или е причинета имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од четири до десет години.“

    Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

    Донесувањето на Законот нема фискални импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија. Дополнително се очекува зголемен прилив на средства во Буџетот, со примена на кривично-правниот институтот проширена конфискација, велат предлагачите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира