ЗА 10 ДЕНАРИ СЕ НАМАЛЕНИ ПЕНЗИИТЕ ОТИ СТАВКАТА ЗА ПОСМРТНИНА Е ЗГОЛЕМЕНА ОД 140 НА 150 ДЕНАРИ

    ЗА 10 ДЕНАРИ СЕ НАМАЛЕНИ ПЕНЗИИТЕ ОТИ СТАВКАТА ЗА ПОСМРТНИНА Е ЗГОЛЕМЕНА ОД 140 НА 150 ДЕНАРИСо зголемувањето на задршката, сега за 5.000 денари е зголемен износот на посмртнината што ја добиваат семејствата на починатите корисници на пензија, од досегашните 35.000 на 40.000 денари. (Фото: СДК.МК)

    Пензиите од месец јануари се намалени за 10 денари. Од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) објаснуваат дека намалувањето е бидејќи за 10 денари е зголемена ставката за посмртнина, од 140 на 150 денари.

    Со зголемувањето на задршката, сега за 5.000 денари е зголемен износот на посмртнината што ја добиваат семејствата на починатите корисници на пензија, од досегашните 35.000 на 40.000 денари.

    На корисник на пензијата, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство и за членување во здружение на пензионери. Висината на задршката на посмртна помош и членарината ја утврдува регистрирана организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија.

    „Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд на седницата одржана на 18 декември 2025 година донел Одлука со која висината на задршката за солидарен фонд изнесува 150 денари за период од 1 јануари до 30 јуни 2026 година. Одлуката е објавена во Службен весник бр.259/25. Претходно задршката за солидарен фонд изнесуваше 140 денари“, велат од ПИОМ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира