ЗА ВТОРИОТ КРУГ ОД ИЗБОРИТЕ, ВО ОХРИД И СКОПЈЕ СЛЕТАА 12 ЧАРТЕР АВИОНИ

    ЗА ВТОРИОТ КРУГ ОД ИЗБОРИТЕ, ВО ОХРИД И СКОПЈЕ СЛЕТАА 12 ЧАРТЕР АВИОНИПет чартери од Цирих за Охрид беа со авиокомпанијата „Хелветик ервејз“. (Фото: Хелветик Ервејс)

    Во текот на изборниот викенд, кога се одржува вториот круг од локалните избори, на аеродромите во Охрид и Скопје беше регистриран значително зголемен сообраќај со вкупно 12 вонредни чартер летови.

    Најголема фреквенција имаше на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, каде што во саботата, 1 ноември, покрај редовните линии, слетаа шест авиони. Два од нив беа од типот „Ербас А320“ со по 180 седишта од Базел, а четири авиони „Ембраер 190“ со капацитет од 110 до 134 седишта пристигнаа од Цирих.

    Во недела наутро во Охрид беа реализирани уште два чартер лета, еден од Цирих и еден од Братислава.

    На Меѓународниот аеродром во Скопје, пак, во саботата слетаа чартери од Цирих, Базел и Дортмунд, додека во неделата беше реализиран и лет од Диселдорф. Капацитетот на авионите кои слетаа во главниот град се движеше меѓу 110 и 180 седишта.

    Според видеата што се споделуваа на социјалните мрежи, патниците во голема мера беа иселеници по потекло од Струга и Кичево, две од општините каде што се гласаше во вториот круг.

    Податоците за излезноста до 17 часот покажуваат дека во Кичево на гласање излегле 48,29% од гласачите, додека во Струга излезноста била 35,39%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира