Згрижувачките семејства бараат да се водат како вработени и да имаат регулиран работен стаж, со што би се зголемил нивниот број, беше речено по повод Меѓународниот ден на згрижувачките семејства, 1 Јуни. Во Велес има 12 згрижувачки семејства, од кои некои живеат во Градско и Јасеново.
„Добро би било државата да размисли, ние членовите на згрижувачките семјества да бидеме работно ангажирани, да ни тече стаж. Така осетно ќе се зголеми нашиот број и интересот, оти постојните во Македонија не можат да ја задоволат потребата на деца кои треба да се вдомат. И онака со возраста на 64 години кога стигнуваме за пензија повеќе не може да згрижуваме деца“, вели велешанец кој згрижува деца.
Од СОС Детско село ги поддржуваат овие семејства и сметаат дека треба да имаат права и одредени бенефиции што ќе обезбедат достоинствен живот. Финансиската помош кое едно семејство ја добива за едно дете е околу 20 илјади денари месечно.
„Ова е особено важно за специјализираните и интервентивните згрижувачи кои згрижуваат деца со попреченост, деца во ризик или деца жртви на насилство. Овој став го темелиме на фактот што и тие се даватели на услуги, согласно Законот за социјална заштита, и за тоа треба да добиваат надомест за дадената услуга. На овој начин ги изедначуваме со сите останати даватели на социјални услуги кои се овластени од државата“, вели Александра Ивановска раководителка на Центарот за поддршка на згрижувачките семејства (ЦПЗС) при СОС Детското село.
Ова не е само локално размислување, ваков модел постои во повеќе земји од Европската Унија. Во овие земји постои овој двоен систем, постојат традиционални згрижувачи со надоместок, и професионални згрижувачи со плата и работни обврски.
„Овие практики се покажале како успешни, затоа што обезбедуваат стабилност и сигурност и за згрижувачите и за децата. Затоа, промовираме системски решенија кои ќе го препознаат згрижувањето како професионална и општествено значајна улога. Веруваме дека само со ваков пристап ќе обезбедиме квалитетна и сигурна грижа за секое дете кое не може да расте со своето биолошко семејство. Активно ја промовираме згрижувачката грижа како форма што овозможува секое дете да расте во безбедна и семејна средина“, кажа Ивановска.
Центарот има надлежност за Општините Гази Баба, Бутел, Аеродром, Чучер-Сандево, Илинден, Петровец и Арачиново во Скопје, како и за општините во Вардарскиот Регион, Велес, Кавадарци, Свети Николе, Неготино и во Југоисточниот Регион – Струмица, Валандово, Гевгелија и Радовиш.
Во Македонија моментално има вкупно 380 згрижувачки семејства и 627 згрижени корисници. Центарот при СОС Детско село Скопје работи со 86 згрижувачки семејства, кои згрижуваат вкупно 156 корисници. Тој има улога е да регрутира нови згрижувачи, да ја организира нивната едукација, да ги прави проценките за нивната подобност, и да ја планира и спроведува поддршката за сместените деца и за згрижувачките семејства.
П. ПЕЧКОВ
Можеби ќе ве интересира и ова: