Премиерот Зоран Заев кажа дека е жртва на сопствената отвореност и постојана достапност, откако ноќеска на Јутјуб беа објавени негови разговори со руските комичари Вован и Лексус, кои го измамија дека зборува со поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Жртва сум на мојата отвореност и мојата постојана достапност. На отворена линија сум секогаш со нашите стратешки партнери и граѓаните“, рече Заев на прес-конференција во Владата,
За телефонските разговори со руските комичари, Заев вели дека станува збор за добро организирани структури за ширење влијание на трети страни и дека провокациите доаѓаат од медиуми со антинато ставови. Тој потсети дека не е прва жртва на руската двојка.
Заев најави дека Владата набрзо ќе излезе со итен план против специјалната акција за ширење дезинформации.
„Не сметам дека ова е случај за кој треба да понесам одговорност, бидејќи ова го правеле насекаде во светот и жртви биле и европски и светски политичари“, рече Заев.
За содржината на разговорите, Заев вели дека нема ништо спорно, бидејќи тоа што го зборува се негови познати ставови. Рече и дека во дел од објавените разговори се извршени интервенции и се ставени во контекст да се извлечат погрешни заклучоци.