ДЕТЕ ОД УЛИЦА, СО САМО ЕДЕН ОБРОК ВО ДЕНОТ, ОСВОИ ТРЕТО МЕСТО ПО МАТЕМАТИКА НА „КЕНГУР”

    ДЕТЕ ОД УЛИЦА, СО САМО ЕДЕН ОБРОК ВО ДЕНОТ, ОСВОИ ТРЕТО МЕСТО ПО МАТЕМАТИКА НА „КЕНГУР”Амир на остава ништо за дома, бидејќи нема услови за живеење, а камо ли за учење. Мајка му не била дома кога ја однел дипломата, ама вујната со која тој најдобро комуницира, била многу радосна. (Фото: СДК.МК)

    Осмоодделенецот Амир Дестанов, дете од улица кое реши да се бори со суровата судбина која сакаше неговото семејство да биде под дното на сиромаштијата, а тој, браќата, сестрата и мајка му да трпат семејно насилство, освои трето место на меѓународниот натпревар по математика „Кенгур 2022“.

    Радоста тој ја подели со Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, кој им е поддршка во моментов на 61 дете што успеале да ги одвратат од питачење, да ги запишат на школо и да им помагаат во доедукацијата и во исполнувањето на домашните задачи. Исклучително заинтересиран за математиката, Амир надградбата за да оди на „Кенгур“ ја постигнал токму во Центарот, решавајќи задачи со наставникот Филип. Кога чул ќе има натпревар, посакал и тој да учествува, но немал 200 денари да уплати.

    „Сакаа други да одат, ама бидејќи јас сум математички најјак, јас поминав. Ми кажа класната, а јас ѝ одговорив:’Добро, ќе зборам со моите дома и ќе ви кажам’. Уплатата за натпреварот ‘Кенгур’ чинеше 200 денари, пари што ги немав“, раскажува Амир.

    За желбата дека сака да се натпреварува по математика, во категорија на осмо и деветтоодделенци, тој веднаш ги известил наставничките Ирена Велкоска и Василка Јовановска, која е социјален работник, и Александра Лозановска, воспитувач. Тие од свои пари му уплатиле учество.

    На натпреварот Амир не знаел како поминал. Им кажал на воспитувачките, наставничките од Центарот дека не е сигурен што направил, бидеjќи било на стискање копчиња, т.е. се полагало електронски. Се секирал дали направил сè како што треба, дали се снашол или не со кликањето.

    „Но кога дојде со дипломата во рака за освоено трето место, па ние пресреќни бевме!“, раскажува Ирена Велкоска, координатор на Дневниот центар за деца на улица.

    „Математика најмногу научив тука, од наставникот Филип. Јас почнав од ‘нула’, една задача не знаев да решам. Но, и основата за математиката и за останатите предмети ја добив тука во Центарот, од наставничката Ирена и другите наставнички. Основата: собирање, одземање, множење и делење ја добив тука, а надградбата за да дојдам до натпреварот, од наставникот Филип“, вели Амир, кој има уште три први места на мотивациски натпревари по математика во неговото училиште „Браќа Рамиз Хамид“ од Шуто Оризари.

    „Во Дневниот центар работиме сè што ни е тешко да совладаме. Покрај пишување домашна, овде работиме и сè што ни е тешко на училиште“, додава ова момче. Сонува да се запише средно техничко училиште и да усоврши занает, а потоа да продолжи на факултет. За почеток, сака да го продава уличниот магазин „Лице в лице“, за да почне полека да стекнува работни навики.

    Дневниот центар за деца на улица е од 2006 година. Требаше да биде неколкумесечен проект, но растеше потребата да се продолжи таа активност со децата. – Наставничката Ирена Велкоска со дел до 60-те деца кои се згрижени во Центарот (Фото: СДК.МК)

    Амир на остава ништо за дома, бидејќи нема услови за живеење, а камо ли за учење. Мајка му не била дома кога ја однел дипломата, ама вујната со која тој најдобро комуницира, била многу радосна.

    „Ниту услови има, ниту пак има некој да му помогне, да му каже. Најосновни работи како букви, бројки, неговите домашни не знаат. Книгите Амир тука ги чува“, вели Василка Јовановска, социјалниот работник во Дневниот центар.

    Во Дневниот центар овие деца има кој да ги сослуша, да поразговара со нив, да им покаже математика, македонски, општествени науки, историја, географија. За ликовно и особено за музичко не треба, зашто овие деца се родени уметници. Впрочем, и ѕидовите со цртежи во училниците се најдобар доказ за тоа. Оставени самите на себе, гладни, малтретирани, тепани, валкани, принудувани на питачење, без никаква љубов и внимание, без свој дом, овие деца тука се други личности. Од оваа страна на влезната врата е светот кој треба да биде. Светот во кој заслужуваат овие недолжни деца Роми да живеат. Во Центарот добиваат оброк, нешто што дома најчесто го немаат. Се бањаат, се преслекуваат во испрана и намирисана облека, јадат, се спремаат за училиште. По часовите, пишуваат домашни.

    Слушнавме самите дека во Дневниот центар за деца на улица се учи: „Сите луѓе се еднакви! И белата и темната кожа кога ќе ја штипнеш – таа исто боли!“.

    Дневниот центар за деца на улица е во рамки на Здружението за заштита на правата на детето. Организацијата постои од 1998 година. Дневниот центар е од 2006 година, отворен е со поддршка на Светската банка за развој на општините. Но, овој волшебен свет за најсиромашните деца во Македонија, по толку години е под закана да згасне, зашто пари има само до јули!

    „Требаше да биде неколкумесечен проект, но растеше потребата да се продолжи таа активност со децата. На почетокот немавме финансиска поддршка. Беше тежок период, ние бевме млади ентузијасти, сакавме да направиме промена, да се издигне она дете на улица како горлив проблем кој постои во општеството. Ова се деца кои не живеат на улица, туку излегуваат на улица, а потоа се враќаат во домот. Деца во социјален ризик, деца од дисфункционални семејства. Детето во Дневниот центар престојува најмногу една година, но ако нема подобрување, во согласност со родителот, се продолжува тој период“, вели Ирена.

    Доаѓале тука деца, како во претшколска возраст, така и во училишна, но кои потоа се „осипале“. На пример, ако поминале две години, тие деца не се појавиле на училиште, во тој случај настапува прекин и на престојот и работата со тие деца во Дневниот центар.

    „Основата: собирање, одземање, множење и делење ја добив тука во Центарот, а надградбата за да дојдам до натпреварот, од наставникот Филип“, вели Амир, кој има уште три први места на мотивациски натпревари по математика во неговото училиште „Браќа Рамиз Хамид“ од Шуто Оризари. (Фото: СДК.МК)

    „Но, кај Амир беше сосема друг случајот. Мајката во 2013 година има претрпено семејно насилство. Таткото вршел семејно насилство и врз децата. Таа со сите четири деца доаѓа тука во Скопје кај нејзиниот брат. Има поддршка од него, доаѓаат и кај нас за да можеме да им помогнеме. Го правиме тоа во консултација со центрите за социјална работа, зашто тие во Велес биле корисници на одреден социјална помош. Во Дневниот центар требаше да останат Амир и сестричката. Тој веќе беше во фаза на градење на оние основни базични навики: да го задржи вниманието, да седи на место, затоа што тие се научени да талкаат и сами да си го организираат денот. Таткото ја повлече сестричката“, раскажува Ирена.

    „Сега со мајка ми сме кај вујкото“, рече Амир. Додаде дека мајка си поретко ја гледа зашто најчесто не е дома. Најстариот брат кој има 18 години ќе оди во Германија, а за помалиот, откако татко им ги повлекол во Велес, Амир чул дека бил даден на посвојување во семејство.

    „Многу е лесно да се вклучи дете од улица во образование, но што е со целиот процес околу тоа, што е со неговата редовност на училиште, седењето по 5, 6, 7 часа? Тоа дете нема ужина, нема храна, единствениот оброк го добиваат кај нас во Центарот. Во меѓувреме се издигнаа и критериумите не само за основно, туку и за средно задолжително образование. Фактички, уште толку ќе ги истуркаше нив повторно на маргините. Поддршката мора да е целосна и непрекината, особено што ако и во комбинација на основно со вечерно училиште каде се земаат за една година настава две учебни години, сепак во деветто одделение голем број од овие деца имаат 17 години. Потоа системот во средно училиште не ги прифаќа. Ова значи дека треба да водиме сметка и за вработување на овие деца кои не по своја вина останале само на основно образование“, вели Велковска.

    Во Центарот децата добиваат оброк, нешто што дома најчесто го немаат. Се бањаат, се преслекуваат во испрана и намирисана облека, јадат, се спремаат за училиште. По часовите, пишуваат домашни. (Фото: СДК.МК)

    Дневниот центар е тука и за средношколците, деца од улица кои успеале да се запишат во средно, кои не биле „престари“ во деветто одделение. Но, тие се помалку. Во Центарот се сите вакви деца до 18 години кои посетуваат училиште. По 18-та, им помага и за вработување.

    „Амир е паметно дете. Сака да соработува, тоа можеби е водилката што кај Амир се издигна, за разлика од некои дечиња кои се помрзливи, им треба поголем поттик и мотивација за да продолжат“, вели Ирена.

    „И љубопитен е“, додава Јовановска.

    Амир вели дека има другари. Децата со кои се дружи имаат куќи, храна, функционални семејства. Вели дека со сите се сака и почитува и оти кога ја освоил третата награда, другарите се радувале и му честитале.

    „Се надмина тој праг, зашто обично децата од Дневниот центар ги нарекуваа ‘чергари’ и не сакаа да се дружат со нив. Амир конкретно се срами од старите навики. За викенд Центарот не работи, па ако види некое од децава што се тука да проси, го кажува тоа кај нас за да спречиме враќање назад на улица. Тој сака да биде друга личност“, вели Ирена.

    Министерството за труд и социјала во август 2021 година требаше да објави повик и да му даде средства на Дневниот центар за деца на улица, како на лиценциран давател на социјална услуга, но тоа до ден-денес не го прави. А како што велат од Центарот, странските донатори повеќе милуваат да спонзорираат семинари, предавања и вмрежувања на оваа тема, потешко даваат конкретна помош. Центарот има пари само уште до јули!

    Пандемијата била страшен период за Центарот, особено онлајн наставата.

    „Овие деца не можеа од таблет да следат настава, па побаравме учебници. Требаше тука некој да седи, а карантини, полициски час…Бевме во грч, во страв нешто да не киксне, децата да не не продолжат, да не се вратат на улица…“, воздивнува таа.

    Лете, кога е распуст, Амир е тука. Велковска, Јовановска и Лозановска работат во континуитет и летно време.

    „Летно време доаѓам кога отвораат, во 8 часот. Седам до 14 часот. Мијам раце, се бањам, си пресоблекувам чиста облека. Во девет часот јадеме леб. Појадуваме. Потоа читаме, пишуваме, иако е распуст. Тоа е за школските навики. Потоа имаме и креативен дел. Одиме на прошетка, смислуваме активности. Бев во извидници во Првиот скопски извиднички одред“, се пофали Амир.

    „Која промена доживеаја децата! Спиењето во вреќи, па во шатори нели, па наутро станувањето, химната, кревањето јарбол… Тоа е цело доживување за нив. Три пати во денот има оброк, тоа е појадок, ручек и вечера, плус ужинка..“, со радост раскажува Ирена, а момчето ја прекина:

    „Бевме шампиони во Извидничкото. Нашиот одред се натпреваруваше со ИО ‘Галеб’“.

    Пералната врти, низ училниците се шири убав мирис на омекнувач за алишта. Во моментот во Дневниот центар се 61 дете. До скоро биле 100. Едни се враќаа од училиште од прва смена, други одеа втора. Кое од кое почисто и посредено. Се додека не се вратат дома, каде топлиот збор најчесто исчезнува, каде за вечера нема ништо, а нечистотијата веднаш ги зема во прегратка. Детскиот сон брза кон утрото кое во 8 сигурно ќе ги отвори вратите на Центарот, кај што ги чека топлина, рацемиење, капење, чиста облека и најсветото за нив – оброк. Или, како што Амир со исконска почит го нарекува: Леб!

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира