ДЕТЕ СО ЕПИЛЕПСИЈА ИЗГЛАДНУВАНО, ТЕПАНО И ВРЗАНО ЗА ДРВО ВО ПАРК, СЕГА Е ЗГРИЖЕНО ВО СЕМЕЈСТВО, НА ЧИЧКОТО НАСИЛНИК ЌЕ МУ СЕ СУДИ

    ДЕТЕ СО ЕПИЛЕПСИЈА ИЗГЛАДНУВАНО, ТЕПАНО И ВРЗАНО ЗА ДРВО ВО ПАРК, СЕГА Е ЗГРИЖЕНО ВО СЕМЕЈСТВО, НА ЧИЧКОТО НАСИЛНИК ЌЕ МУ СЕ СУДИОд прегладнети, запуштени, тепани деца со слаба моторика и рефлекси, двете деца благодарение на Центарот за социјални работи Скопје денес одлично напредуваат, згрижени се и среќни, а веќе си примаат и детски додатоци. - Дете питач на семафори во Скопје. (архивска фотографија)

    10-годишното момче врзано за дрво со внатрешна гума од мопед во Градскиот парк во Скопје во јуни и неговата 5-годишна сестричка, тепана со силни шамари и клоци по нозете, двајцата прегладнети, се згрижени во семејства и закрепнуваат. Момчето за три месеци качило 5-6 килограми, неговата сестра исто, тие конечно се среќни, вели директорката на Центарот за социјални работи Скопје Наташа Станојевиќ.

    Чичко им, кој го вршел физичкото малтретирање врз запуштените внуци, е во притвор и тој денес доби обвинение. Ќе му се суди за повеќекратно извршување на кривичното дело– Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик, кои ги сторил со умисла.

    На 28 јуни, случаен минувач во Градскиот парк забележал како возрасен маж тепа преслабо девојче со силни шамари. Потоа продолжил да ја удира по нозете. На дрвото до нив било врзано за ногата преслабо изнемоштено момче. Потресен од сликата што ја видел, граѓанинот случајот веднаш го пријавил на дежурниот телефон во Центарот за социјални работи Скопје, а оттаму се јавиле во полиција. Полицијата го уапсила на место возрасниот човек, а децата уште истиот ден (сабота) биле однесени во згрижувачко семејство.

    „Обвинетиот – чичко на оштетените две деца, на 28 јуни 2020 година прифатил доверена обврска од мајката на децата, да ги надгледува додека таа била отсутна. Но, тој грубо ја запоставил својата должност за грижа и воспитување, па започнал да ги малтретира доверените деца. Истиот ден, околу 12.30 часот, тој на дрво во близина го врзал 10-годишното момче за стапалото со внатрешна гума од мопед. Врзаното дете – лице со посебни потреби и неразвиена моторика, не можело да се ослободи, па кон него се приближила неговата 5-годишна сестра во обид да му даде шише со течност за да се напие. Во тој момент, обвинетиот го нападнал и девојчето, најпрвин вербално, а потоа и физички – удирајќи ја по лицето и нозете“, стои во обвинението против нивниот чичко.

    Момчето е со пречки во развојот и со епилептични напади. Тимот од Центарот за социјални работи веднаш се зафатил со децата. Тој викенд болното дете имало напад на агресија, испокршило сè околу себе во згрижувачкото семејство, тежок бил пристапот до него. Веќе во понеделникот, тоа било смирено и до денеска не прави буквално никаков проблем, само си напредува во својот развој.

    „Децата беа во ужасна состојба. Веднаш забележавме дека машкото има психички проблеми, дека е со попреченост во развојот. Здравствено не беа прегледани ни тој, ни сестричката. Беа со лоша хигиена, вошливост. Двајцата беа неухранети предолг период, изгладнети. Момчето иако имаше 10, изгледаше на дете не постаро од 6 години. Има уназадување зад календарската возраст. Двајцата имаа слаба моторика. Практично, биле родени и оставени така, сами ако преживеат“, раскажува за нивната состојба Ана Панчева, раководител на службата за заштита на деца во ЦСР Скопје.

    Таа е задоволна што од моментот на сместување на овие две деца до денеска, има одлични резултати. Освен нападите на трауматизираното момче со попреченост кои траеле само два дена, тие за среќа многу лесно се адаптирале. Вкупно за три дена, не беа тоа децата што ги земавме, велат задоволни од Центарот.

    „Ние веднаш стапивме во контакт со Клиниката за психијатрија. Невропсихијатар се поврза со видеоврска со згрижувачот, поради мерките во пандемија, му кажа каква терапија да му даде на детето. На контролата му беше потврдена истата терапија и извршена му е категоризација – дете со умерени комбинирани пречки во развојот и епилептични напади. Кај девојчето нема здравствен проблем, тоа има воспитна запуштеност“, вели Панчева.

    Веднаш Центарот средил и за нивните детски права, па така, братчето и сестричката примаат детски додаток од државата, а тој плус и посебен додаток, што му следува како на лице со попреченост, до 26-годишна возраст.

    „Простете ми ако не звучи убаво, ама ова е пример за успешен спас на деца од биолошките родители. Нам нивните родители ни се добро познати, особено мајката која често е бездомник, а е лице со попреченост. И таткото е лице со попреченост, кој ги напуштил. Родителските права им се сега одземени. Децата одлично си напредуваат, конечно се среќни. Многу се послушни. Машкото се здебели, ако може така да се каже за него, 5 до 6 килограми. Му се појавија дури и обравчиња“, вели Панчева.

    „Ќе гледам да одиме во насока да ги запишеме двајцата во Регистер за посвојување. Тоа ни е планот. Од денот кога ги зедовме и згриживме, нивни старател е Центарот за социјални работи“, додава таа, надевајќи се дека еден ден овие недолжни деца ќе добијат вистински и одговорни родители и ќе бидат дел од едно потесно семејство, како што заслужува секое дете.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


     

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира