ЕКСПЕРТСКАТА ВЛАДА НА КЉУСЕВ БЕШЕ РАЗРЕШЕНА ПРЕД ДА ПОЧНЕ СО РЕФОРМИТЕ

    ЕКСПЕРТСКАТА ВЛАДА НА КЉУСЕВ БЕШЕ РАЗРЕШЕНА ПРЕД ДА ПОЧНЕ СО РЕФОРМИТЕНа првата влада на Кљусев и беше изгласана недоверба со образложение дека по нецела година и пол мандат на земјата ѝ е потребна политичка влада. - Никола Кљусев (архивска фотографија)

    25god

     

     

    Македонија ја доби првата самостојна влада, предводена од премиерот Никола Кљусев, на 20 март 1991 година. Тоа беше експертска влада, составена од еминентни стручњаци, кои тврдеа дека не се приклонети кон ниту една партија. Беше избрана со гласовите на 83 пратеници, 17 беа против и тројца беа воздржани. Со изборот на експертската влада на Кљусев беше комплетиран циклусот на конституирање на новата власт во земјата по првите плуралистички избори.

    Блаже Ристовски, Јован Андонов и Беќир Жута беа потпретседатели во првата влада. Ристо Дамјановски беше министер за одбрана, но беше брзо сменет како пројугословенски ориентиран и на неговото место беше назначен Трајан Гоцевски. Министер за внатрешни работи беше Јордан Мијалков, кој загина во сообраќаајна несреќа во Србија и на неговото место беше поставен Љубомир Фрчкоски, кој првично беше министер без ресор, заедно со Јане Миљовски, Илија Андонов-Ченто и Алаетин Тоска. Фрчкоски веднаш го смени називот “милиција” во “македонска полиција“.

    Денко Малески беше министер за надворешни работи, Ѓорѓи Наумов за правосудство и управа, Методија Тошевски за финансии, Стојан Трајановски за стопанство, Гоце Петрески за развој, Александар Лепавцов за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија, Иван Ангелов за земјоделство, шумарство и водостопанство, Илјаз Сабриу за труд и социјална политика и Димитар Димитров за образование и физичка култура. Димитров си поднесе оставка, бидејќи не се согласуваше со тогашниот владин предлог околу матичната и педагошката евиденција на албански јазик во образованието.

    Ѓорѓи Ефремов во оваа влада беше министер за наука, Цветан Грозданов за култура, д-р Перко Колевски за здравство, Мартин Треневски за информации,

    Експертската владата на Кљусев изработи пакет економски реформи, но нивното спроведување не ни почна, бидејќи Собранието тоа лето ја разреши, со образложение од пратениците кои гласаа за недоверба дека на земјата и е потребна политичка влада.

    Претседателот Глигоров го даде мандатот Љубчо Георгиевски, како лидер на на најбројната партија во Парламентот, ВМРО-ДПМНЕ. Георгиевски му го врати мандатот на Глигоров, кој потоа му го даде мандатот на лидерот на СКМ-ПДП Петар Гошев, но и тој одби да формира влада. Тогаш шефот на државата му ја даде довербата на Бранко Црвенковски, односно, одново на СКМ-ПДП. Тој го прифати, формираше влада на 5 септември 1992 година и владееше се до изборите 1998 година.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира